Спомен-обележје за бранителите во 2001 година-Во населбата Драчево, општина Кисела Вода, се наоѓа споменикот посветен на бранителите што го загубија животот во воениот конфликт во 2001 година. Официјалното име на целиот комплекс е „Меморијална фонтана со партерно уредување и пропратна фигура на постамент во чест на загинатите бранители од општина Кисела Вода во конфликтот во 2001 година". Спомен-обележјето е посветено на починатите Бобан Трпков, Игор Костески, Љубомир Акимовски, Александар Стојчев, Теодор Стојановски и Драганчо Илиевски.
-Воениот конфликт во Република Македонија од 2001 година траел од јануари до ноември истата година. Во текот на конфликтот 75 бранители го загубиле својот живот.
-Паркот се протега на површина од 1.225 квадратни метри, а во централниот дел е изградена шестаголна армирано-бетонска фонтана со дијаметар од осум метри. На секоја од шесте страни е поставена спомен-плоча со името на секој загинат бранител. Во централниот дел на фонтаната на двометарски постамент е поставена скулптура излеана во бронза со висина од три метри.
-Скулптурата е фигура на војник-бранител, кој ги симболизира храброста и решителноста за одбрана на својата татковина. Автор на делото е академскиот скулптор Димитар Филиповски, кој ја излеал бронзената фигура во својата домашна леарница. Инвеститор на спомен-обележјето е општината Кисела Вода.
(Нова Македонија) 17 декември 2013 |