Министерот за надворешни работи денеска во Њу Делхи имаше средба со индискиот министер за надворешни работи Салман Куршид
Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски денеска во Њу Делхи имаше средба со индискиот министер за надворешни работи Салман Куршид.
Како што изјави за МИА министерот Попоски заеднички било констатирано дека нивото на политичка соработка, досегашните средби на ниво на премиери, како и посетата на претседателот на индискиот Парламент и на државниот министер за надворешни работи на Македонија, вклучувајќи ја и оваа посета, даваат добра основа за продлабочување на економската соработка.
- Во оваа прилика потпишавме Договор за избегнување на двојно оданочување помеѓу Индија и Македонија што треба да биде дополнителен аргумент за олеснување на инвестиции од двете страни, изјави Попоски.
Тој денеска се сретна и со претставници на Министерството за трговија и на Стопанската комора во Њу Делхи.
Во Стопанската комора, потенцира Попоски, се разговарало за конкретни проекти и за организирање бизнис-форум, при што бил искажан интерес од индиски инвеститори во делот на енергијата и туризмот.
- Се надеваме дека ќе можеме на оваа основа и фактот дека има огромен потенцијал за економска соработка помеѓу Индија и Европа да ја понудиме Македонија како една од најдобрите дестинации за инвестирање во европски рамки, нагласи Никола Попоски.