Со обвинението не се опфатени две лица за кои е во тек екстрадициска постапка
Љубиша Станковиќ
Истрагата за случајот „Шпион" е проширена и испитани се уште две нови лица. Со обвинението што го поднесе Јавното обвинителство не се опфатени новинарот З.Б., кој е во екстрадициски притвор во Србија, Б.П. кој беше уапсен во Чешка и Ј.М., кој е во бегство. Од Обвинителството соопштуваат дека за двајца од нив постапката ќе продолжи кога ќе бидат испорачани во земјава.
„Во текот на истрагата, како резултат на собраните докази кои укажуваа на вмешаност и на други лица, истрагата беше проширена и беа испитани две нови лица, за кои исто така е поднесено обвинение за извршени кривични дела послужување во службата и шпионажа", соопшти денеска Обвинителството.
Оттаму потврдуваат дека до судот доставиле обвинение за 19 лица со кое се предлага и продолжување на притворот и куќниот притвор. Обвинителството потврдува дека обвинетите во случајот „Шпион" ќе одговараат за злосторничко здружување, шпионажа, прикривање, измама, послужување во службата, недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи, злоупотреба на државна службена или воена тајна, оддавање државна тајна, уцена и за изнуда. Во образложението на актот стои дека делата биле сторени во еден подолг временски период, односно дека се' почнало во 2009 и дека криминалните активности траеле до крајот на минатата година.
Јавното обвинителство не кажува зошто апсењата на обвинетите беа извршени пред само неколку месеци ако се знае дека тие биле следени неколку години наназад. Од Обвинителството не се соопштуваат детали за двајца осомничени кои се водеа како недостапни, иако едниот од нив беше екстрадиран од Чешка, а другиот е во екстрадициски притвор во соседна Србија.
Како првообвинет се јавува лице кое е зад решетки и пред да се случи полициската акција „Шпион". Според одредени сознанија, станува збор за разузнавач кој извесно време работел и како воен офицер, а кој бил притворен, наводно, поради поседување огнено оружје и распрскувачки материи. Други сознанија говорат дека токму ова лице се јавува како сведок во судска постапка во која му се судело на негов близок роднина.
На издржување на затворска казна има уште едно лице и тие не беа опфатени со полициската акција „Шпион" кога беа приведени 17 лица.
Меѓу приведените се вработени во Агенцијата за разузнавање, во Собранието, сегашни и поранешни вработени во МВР, во Министерството за одбрана, Државниот архив, Управата за финансиско разузнавање, како и сопственици и вработени во приватни фирми.
По извршените претреси на домовите на осомничените, полицијата заплени голем број компјутери, 27 лаптопи, досиеја, 32 мобилни телефони, мемориски картички, 16 парчиња огнено оружје, УСБ-стикови, обемна документација и друг вид класифицирани документи. Во јавноста беше лиферувана вест дека осомничените со упатувања на закани и уцени од домашни бизнисмени изнудувале пари, но и тоа дека се шпионирало за некои странски држави.
Со оглед на тоа што се работи за чувствителна материја, односно за класифицирани документи, Јавното обвинителство побара новинарите за овој случај да информираат максимално редуцирано или никако.
(Утрински Весник)
17 декември 2013