Ова наскоро ќе го овозможи Договорот за соработка, што денеска го потпишаа деканите на Медицинскиот факултет во Скопје, на Факултетот за медицински науки при Универзитетот „Гоце Делчев"-Штип и на Факултетот за фундаментална медицина при Московскиот државен универзитет „Ломоносов" Никола Јанкуловски, Рубин Гулабоски и академик Всеволд А. Ткачук.
На потпишувањето на Договорот, како што јави известувачот на МИА, присуствуваа министерот за здравство Никола Тодоров и ректорите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј"-Скопје и Универзитетот „Ломоносов" Велимир Стојковски и Виктор Антонович Садовничи.
- Ова е ново поглавје во соработката меѓу Македонија и Руската Федерација во образованието, науката и медицината. Очекувам врз основа на овој договор да можат македонски лекари да бидат обучувани на Универзитетот„Ломоносов" и да се стекнат со современи знаења и вештини кои ќе можат да ги применуваат во својата секојдневна работа, изјави министерот Тодоров.
Соработката, како што истакна, потребно е да ја надградуваме, особено во медицината, наука во која нема граници. Според него, најголема придобивка од соработката ќе имаат македонските граѓани, а ќе се подигне нивото на квалитет на здравствените услуги во Македонија.
- Потпишувањето на овие договори е круна на нашата 40-годишна соработка и има за цел развој на високото образование и здравството во Македонија, рече ректорот Стојковски, кој е почесен професор на Универзитетот „Ломоносов". Годинава се навршуваат 40 години од потпишувањето на Договорот за соработка меѓу Универзитетот „Ломоносов" и УКИМ.
Според ректорот Садовничи, овој договор е нов чекор и значаен потег за понатамошната соработка меѓу двете држави.
- Нашите земји се историски поврзани, имаат блиска култура и традиција и сметаме дека може да се направи уште многу повеќе за соработката и заемните односи меѓу Македонија и Руската федерацација, рече Садовничи.
Деканите Јанкулоски и Гулабоски изразија надеж дека наскоро ќе почнат со размена на студенти специјализанти од сите три циклуси на студирање со цел надградување на знаењето и вештините. Предвидено е создавање и на координативно тело кое ќе овозможи почнување на проекти меѓу факултетите.
Министерот Тодоров денеска го посети и Медицинскиот центар при Универзитетот „Ломоносов", а утре ќе се сретне со неговата колешка Вeроника Скворцова.
(Денешен Весник)
17 декември 2013