Камен-темелникот го освети митрополитот тетовско-гостиварски г. Јосиф со сослужители од Скопската православна епархија по благослов на Архиепископот Охридски и Македонски г.г.Стефан. Ктитор е Светскиот македонски конгрес, а изградбата ја врши Прототип.
Претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров во обраќањето пред присутните рече дека крстот ќе биде поставен на постамент од 5,5 метри на две нивоа со галерии, иконостас за верски обреди и фрески на 12-те свети апостоли. На крстот, посочи тој, ќе биде изведена и електрична инсталација за енергетска самоодржливост.
- Крстот не е конспирација или провокација, крстот е нераскинлив дел од културата на Македонија. Крстот е легитимација на Македонија пред светот. Местото околу крстот ќе биде оплеменето со парк, хортикултурно уредување, чешми за вода за пиење, патеки за прошетки и клупи, посочи Петров.