Што значи сето ова за Македонија? Прво, не чувствувам потреба да ви ги продавам идентитетот и името за малку пари. Таквите нешта воопшто не би требало да се на продажба. Второ, постојат многубројни алтернативи на ЕУ ако Унијата со своите дела докаже дека не ја сака Македонија. Иако зборовите на лидерите на ЕУ можеби звучат позитивно и гостопримливо, нивните дела се сосем спротивни бидејќи тие одбиваат да извршат каков и да е притисок врз Грција. Тие алтернативи ги вклучуваат примерите на Норвешка и на Исланд, меѓу останатите. И Норвешка и Исланд покажаа дека може да се стигне многу близу до ЕУ со трговијата и со другите спогодби без да се биде нејзина членка.
Се разбира, знам дека аргументите се оти Норвешка има нафта и Исланд е остров, па не им е потребно членство во ЕУ (Исланѓаните во суштина славно го одбија членството во ЕУ!). Но јас сум убеден дека ако Македонците сакаат да продолжат со трговијата со членките на ЕУ и да соработуваат со нив без да бидат заглавени од многу будалести аспекти што ги опфаќа членството во Унијата, тие ќе бидат доволно паметни да сфатат како да го направат тоа и напорно ќе работат за негово остварување.
И конечно, а ова можеби е најголемата работа, ЕУ најверојатно ~ прави услуга на Македонија со тоа што ја држи надвор од Унијата. Ги видовме податоците за БДП за Македонија годинава споредени со оние на ЕУ и, се разбира, на Македонија ~ оди многу подобро отколку на која било земја-членка на ЕУ поединечно. Но јас сум убеден дека ЕУ, порано или подоцна, ќе се трансформира во нешто друго или целосно ќе се урне под сопствената тежина. Се лажат тие што веруваат дека фискалната криза во ЕУ е завршена. Таа само што почнува и подобро е да се биде надвор од Унијата и да се посакува влез во неа отколку да се биде во неа, а да се посакува излез. Времето ќе покаже дека сум во право, но засега не дозволувајте овонеделните настани во врска со ЕУ да ве вознемируваат. И ова ќе помине.
Џејсон МИКО
Авторот е менаџер за односи со jавноста од Аризона (САД), и долгогодишен набљудувач на состојбите во Македонија и во Југоисточна Европа