„Што, всушност, претставува Македонија? Според едногласните искажувања на сите патеписци и на компетентните познавачи на Македонија, таа е богато надарена земја, со прекрасна природа, со благодатна и здрава клима, со извонредно плодна почва, со мошне поволна положба на еден од поважните патишта на светската трговија, се простира на 60.000 квадратни километри, на кои живеат 2,25 милиони разноплеменско население... Таа е сместена во централниот дел на Балканскиот Полуостров.
Но додека Македонија веќе 25 години ги чека фамозните реформи, додека нејзиното христијанско население гине под гнетот на муслиманското ропство и на турските безредија, соседните народи на Македонија ги усовршуваат своите усилби да го завладеат ова вкусно парче, и усилбите на овие добри соседи со уште потешки последици се истураат на незаштитеното македонско население", пишува Державин пред Балканските војни, прецизно детектирајќи ги добрите соседи и нивните апетити – Грција, Србија и Бугарија.
„Грците во своите раце ги имале и црквата, и училиштето, и целокупниот културен живот, наставата во училиштата се одвивала на грчки јазик, богослужбата се вршела на грчки јазик, иако Грци живееле само во јужниот дел на Македонија и сочинувале само незначителен процент од целокупното население. Откако ја подготвиле почвата, тие веќе мечтаеле за присоединување на Македонија и само чекале кога ќе чукне часот на паѓањето на Турција, цртајќи си прекрасна слика за обновување на Византиската Империја, а во меѓувреме трошејќи огромни средства за грчката пропаганда и играјќи пред Турција улога на верни пријатели".
Ова е дефиницијата на Державин за грчката политика.
„Но со признавањето во 1870 година автономија на бугарската црква, во Македонија почнува брзо да расте бугарската пропаганда, која во црквата и во училиштето тука нашла за себе прекрасно орудие, а во самиот народ, продуховен со чувство на крвно сродство, прекрасна почва за свое ширење и успеси. Обилните бугарски пари му дошле напомош на ова „свето дело". Грчката Македонија се претворила во „бугарска" Македонија, но Грците активно го продолжувале своето дело, без да се срамат од какви било средства, сè до поткажувања и поткупувања на турските власти".
Ова е сликата за активностите на бугарската пропаганда на македонска почва.
Во тоа време, грчките податоци велеле дека бројот на Грци во Македонија изнесува 1.162.000 лица, а Бугари има само 513.000. За Бугарија податоците биле обратни - Бугари има 1.235.000, Грци само 229.000. Српските статистики набројуваат само 201.000 Грци, Бугари само 57. 600 души, но затоа Срби - 1.686.000. Според бугарските податоци, бројот на Србите во Македонија не е поголем од 500 души.
И третиот сосед на Македонија, Србија, фрлала големи парични средства. И Србите почнале да градат свои училишта, да привлекуваат во нив деца, да сеат непријателство спрема Бугарите, да создаваат своевидна статистика, прикривајќи ги со неа своите очигледни цели и стремежи.
„А врз сите овие меѓународни аспирации, како Дамоклов меч, виси угнетувањето на незаштитената Македонија од Турската Империја", напиша Державин пред Балканските војни.
Македонскиот јазол
А еве ги ставовите на Н.С.Державин за суштината на македонското прашање искажани многу години подоцна, во 1928 година, во статијата „Македонскиот јазол".
Сè додека, почнувајќи приближно од почетокот на минатиот век, Балканскиот Полуостров сè повеќе и повеќе навлегуваше во кругот на интересите на меѓународниот капитал и меѓу месните националности сè повеќе и повеќе растеше и се зацврстуваше градската трговска буржоазија, среде овие националности сè повеќе растеше и се зацврстуваше националноослободителното движење. Основните пароли на ова движење беа наметнати од „ослободителната” филозофија на 18 в. и тие главно се состоеја од три основни тези: национално обединување, културна преродба и политичко ослободување. Овие тези, како што е познато, се наоѓаат и во основата на сета литературно-општествена и политичка дејност на тројцата најголеми водачи и инспиратори на националната преродба, какви што се: кај Бугарите и кај Македонците – Паисиј Самоковски (род. ок. 1720 год.), кај Грците – Кораис (1748-1833) и кај Србите – Доситеј Обрадовиќ (1739-1811). Истите овие тези потоа влегоа во основата на сета национална политика на балканската либерална буржоазија и на нејзината долгогодишна и упорна борба со турскиот апсолутизам во име на интересите на својата национална преродба и политичка слобода. Но мора да се признае: на таа борба балканската буржоазија во своето време ѝ даде многу енергија и сили и пред да успее да поднесе на нејзиниот олтар многу жртви, со помали или поголеми успеси, за делумно да ги реализира своите идеали. Во историјата на Бугарите и на Србите целиот 19 век е исполнет со борба; со неа тие влегуваат и во 20 век, бидејќи 19 не им го реши проблемот на „националното” обединување; со нејзините пароли се определи и нивното учество во империјалистичката војна од 1917-1918 година.