Како последица на загадениот воздух, по еден Македонец умира на секои шест и пол часа. Во просек, тоа се по речиси четири умирачки дневно, или 1.350 случаи годишно, според најновата анализа на Kанцеларијата на Светската банка во Македонија. Популацијата во Скопје е веќе истрошена. Не живеат тука нови луѓе кои до вчера биле на чист воздух, туку граѓани, на кои кризата им се повторува секоја зима. Белодробниот и циркулаторниот систем се на тест секоја сезона. Сите сме со ослабени организми. Ова е многу сериозна ситуација.
Граѓаните коментираат дека здравјето им се влошува, дека тераат едноподруго настинки и не можат да оздрават. Kонцентрацијата и расположението им се намалени, ги мачат главоболки. Животот им го нема вообичаениот тек зашто многумина си го ограничуваат движењето надвор.
Kако убива воздухот?
- Оптовареноста на кардиоваскуларниот систем во вакви услови е зголемена повеќе пати и доаѓа до откажување на срцето. При белодробни опструктивни болести, бронхитиси, доаѓа до максимално затнување на дишните патишта, белите дробови функционираат со намален капацитет, срцето ослабува и доаѓа до кардио-пулмонална смрт.
Вреди ли да носиме маски преку лицето?
- За кратки дестинации може да се носат маски, но зависи колкава е нивната филтрација. Опасни се честичките што се помали од 10 микрометри, па најдобро е да не се излегува. Оние што работат на отворено треба да се под посебна опсервација, затоа што работејќи, тие дишат позабрзано и така внесуваат повеќе загадувачки материи во себе.
Светската банка излезе со процена дека 1.350 луѓе умираат поради аерозагадување, а економијата губи 253 милиони евра.
Надминувања на дневната концентрација не смее да има повеќе од 35 дена во годината за да се заштити здравјето на луѓето, но лимитот е одамна надминат. Во Лисиче практично цела година повеќе дишат прав отколку кислород, зашто 24-часовната граница таму е пречекорена фантастични 270 дена во оваа година. Така било и 200 дена во Центар. Притоа, среднодневните концентрации се далеку од наивни – достигаат вредности и над 800 микрограми на кубик воздух, што практично значи дека таму буквално постојано, без ни еден час олеснување, воздухот бил алармантно загаден.
Еве какво се загадување може да има на воздухот и кои се здраствените проблеми и симптоми кои ги предизвикуваат
Јаглерод моноксид (CO)
-Гас без боја и мирис
-Издувни гасови од моторни возила, внатрешните извори вклучуваат печки кои согоруваат керозин или дрва.
-главоболки, намалена ментална будност, срцев удар, кардиоваскуларни заболувања, нарушување на феталниот развој, смрт.