|
„Македонските икони биле крадени на морбиден начин“
„Македонските икони биле крадени на морбиден начин"Македонските експерти Ристо Палигора вработен во НУ Завод и Музеј-Битола и Сашо Цветковски од Музејот во Струга, деновиве извршија посета на безбедносното депо во Националната галерија во Тирана каде се изложени запленети икони и друг црковен материјал кои албанската полиција за време на тамошната полициска акција „Икона" ги пронајде и одзеде од неколку приватни објекти и куќи во Тирана, пренесува МИА
Во полициската акција во една куќа во Тирана биле откриени над 1.000 црковни предмети, најмногу икони, делови од иконостаси, црковна резба, црковен намештај и разни движни црковни предмети, посочи Ристо Палигора, историчар на уметноста, кој на денешната прес конференција во Битола обелодени какви се македонски икони биле препознати во бројните украдени предмети запленети во соседна Албанија. - Од увидот можевме да заклучиме дека иконите се крадени на морбиден начин, од луѓе кои сечеле делови од иконостасот, корнеле икони а потоа ги продавале на италијанскиот пазар. Станува збор за икони со голема вредност како што е на пример иконата со Исус Христос од 16 век која на пазарот достигнува и трицифрени суми изразени во евра. При нашата прва посета, од увидот на 1.077 украдени икони, препознавме и идентификувавме околу 20 икони кои сигурно се од Македонија. За жал, крадците и интервенирале врз иконите, ги избришале заштитните идентификациски броеви кои што ние ги поставуваме, вршеле пребојадисување и други интервенции за да ја затворат трагата. Меѓу украдените, се и икони и опустошени делови од иконостасот од црквата „Св.Богородица" во битолското село Ѓавато, потоа иконата на „Св.Харалампиј", иконата на „Св.Василиј Велики", пронајдовме делови од иконостасот од црквата „Св.Атанасиј" од преспанското село Долно Перово каде крадците исто така ги исекле Царските двери на шест парчиња за полесно да ги продаваат, а има и други украдени материјали, посочи Палигора. За украдените и препознаените македонски икони кои сега се наоѓаат во безбедносното депо во Тирана, информиран е јавниот обвинител и други надлежни структури во Република Македонија кои ќе поведат постапка за враќање на украдениот материјал и тоа ќе биде најголемата реституција на културно наследство во нашата современа историја, нагласи Палигора. Посетата на Тирана беше остварена благодарение на меѓусебната соработка на македонската и албанската полиција и отворената истрага преку „Интерпол" за пронаоѓање на украдени икони и друг црковен материјал бидејќи се проценува дека во последниве три години се украдени околу 400 икони од пограничниот регион на Македонија со соседна Албанија и пренесени во таа држава, беше истакнато на денешната прес конференција во НУ Завод и Музеј-Битола.
(Нова Македонија) 27 декември 2013
|
|
Views: 284
| Added by: Вељанко
|
|
|