Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и српскиот премиер Ивица Дачиќ, кои денеска го пуштија во употреба контакт-центарот, потпишаа и протокол за полициска соработка за време на туристичката сезона.
- Очекуваме заедничкиот контакт-центар да даде придонес во зголемување на ефикасноста на двете држави, посебно ако се земе предвид дека го отвораме токму на граничниот премин каде што имаме најголема фреквенција, а со самото тоа и најголеми можности за евентуални злоупотреби и проблеми што се јавуваат при редовното работење - рече министерката Јанкулоска.
Дачиќ смета дека отворањето на овој центар како и потпишувањето на протоколот за соработка е доказ за добрата соработка на двете министертва во изминатиов период.
- Денеска потпишавме и протокол за полициска соработка за време на туристичката сезона, што е особено важно за нашите граѓани што го поминуваат одморот овде во Македонија и секогаш е добро да постои контакт-точка - рече Дачиќ, додавајќи дека соработката меѓу полициите е оперативна и дека очекува да продолжи и во наредниот период.