Во 20.30 часот за влез во државата се пријавило патничко моторно возило со германски регистарски ознаки управувано од италијански државјанин со иницијали С.К, информираат од Царинската управа. При извршена царинска контрола, во фабричките празнини на возилото во предниот и во задниот браник, како и во двете предни крила, царинските службеници пронашле 17 пакувања обвиткани со самолеплива трака, наполнети со непозната растителна материја со зеленикава боја, со вкупна тежина од 18 килограми. Непознатата материја на тестер за психотропни супстанции покажала присуство на марихуана.
С.К. дрогата ја набавил од лице од Албанија со намера да ја превезе преку Македонија до Германија, каде што осомничениот живее и работи 26 години. Пред да тргне од градот Фиер неговиот другар, кој е албански државјанин, на еден лист хартија му ги нацртал патот и државите низ кои требало да помине за да ја пренесе дрогата до крајната дестинација. На листот со рака биле нацртани Македонија, Бугарија, Романија, Унгарија и Австрија.
Цената на западноевропскиот пазар, за каде што била наменета запленетата марихуана, се проценува на 40 илјади евра, додека во малопродажба може да достигне и до 80 илјади евра. Против сторителот, Царинската управа ќе поднесе кривична пријава за сторено кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори до надлежното Јавно обвинителство, а сторителот ќе биде изведен пред надлежен судија на претходна постапка.
Од почетокот на годината, заедно со овој случај откриени се вкупно 24 обиди за пренос на марихуана преку македонската граница, при што се запленети над 720 килограми марихуана.
(Нова Македонија)
28 декември 2013