Според Сашо Точков од Општинската организација на Црвениот крст во Охрид, по спроведената обемна акција за спасување на надлежните институции од градот, лицето настрадало најверојатно од удар во дрво при пад во бездна, здобивајќи се притоа со тешки телесни повреди на кои подоцна им подлегнало.
- Лицето кое смртно настрада во несреќата паднало во бездна, претходно лизгајќи се 300 до 500 метри и удрило во дрво, при што смртно настрадало, најверојатно од прелом на рбетниот столб. Останатите три лица кои биле со настраданиот се безбедно евакуирани, немаат телесни повреди, но се во состојба на шок, појасни Точков.
Инцидентот бил пријавен утрово некаде во 11:30 часот по што беше покрената комбинирана акција за спасување на Центарот за управување со кризи, тимот за спасување на планини и непристапни терени на Црвениот крст, полицијата, медицинска екипа и екипа на охридската противпожарна единица, што траеше некаде до попладневните часови.
Засега нема информации за тоа што четворицата државјани на Република Албанија правеле на падините на Галичица, дали се работи за планинари или пак за лица кои нелегално ја минале границата што е во близина, ќе покаже истрагата на надлежните институции што е во тек.