Со прехранбени пакети, како новогодишен подарок и како знак на благодарност за големото залагање во изминатата година во разубавувањето на градот, штипската локална самоуправа ги почести пред Нова година десеттемина осудени лица од Kазнено-поправниот дом „Штип", кои во последните осум месеци на доброволна основа работат на повеќе проекти за уредување на градот под Исарот.
- Ова е можност да ви се заблагодариме што трудољубиво и самопрегорно се вложувавте во разубавувањето на градот. Резултатите се видливи и верувам дека соработката ќе продолжи и во 2014 година – им рече градоначалникот Илчо Захариев на десеттемина луѓе од работната група од KПД „Штип".
Работната група досега работеше на подигање и на уредување паркови во неколку штипски населби, на комплексот „Езерце" кај Три Чешми, на спортско-рекреативниот центар во населбата Автокоманда, како и на уредувањето на кејот на Брегалница во населбата 8 Ноември. Последните неколку месеци се ангажирани на уредувањето на коритото Отиња во центарот на градот. Поставуваат камена подлога, садат дрвца, трева... Веќе завршија една делница од стотина метри, а деновиве продолжија со нова. Не работат само кога има многу ниски температури. Имаат поддршка и од трите штипски јавни претпријатија - „Исар", „Стипион" и „Штип-проект".
- Во групата, освен штипјани, н` има и од повеќе градови во Македонија. Сите сме искусни мајстори – градежни работници, молери, заварувачи, па не ни е тешко да извршуваме вакви општокорисни работи. Вака и побрзо поминува времето од издржувањето на казната, па затоа е добро што сме вклучени во овој проект – велат луѓето од работната група од KПД „Штип".
Локалната самоуправа се грижи за храната и за превозот и за другите потреби на десеттемина додека се на работа, а другото што им следува е според Законот за извршувањето санкции. Се проценува дека во изминатите осум месеци работната група завршила работи во вредност од 400.000 евра, а тоа Општината не ја чинело повеќе од 20.000 евра.
- Ваквото ангажирање е единствен пример во Македонија и досега се покажува како многу успешен. Се работи за осудени лица кои го имаа стекнато правото на работно ангажирање надвор од установата и кои со директорот на KПД „Штип" и со директорката на Управата за извршување санкции ги имаме ставено во програмата за ресоцијализација. Работат општокорисна работа на доброволна основа, со ентузијазам и желба и она што им е доверено го извршуваат многу квалитетно. Тоа се луѓе со претходно стекнато искуство за вакви работи, а ова што сега го работат сигурно ќе им се најде кога ќе се вратат во нивната средина – вели Ангел Бојаџиев, надлежен од KПД „Штип" за проектите на кои работи десетчлената работна група.
ЉупЧо Шатевски
(Дневник)
2 јануари 2014