Овој труд има монографски карактер и ја обработува историјата на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, но истовремено тоа е труд и за историјата на православието, односно на сите православни цркви, на кои, повеќе или помалку, авторот им посветува посебно внимание. За секоја црква посебно пишува за нејзината историја, но и за нејзините актуелни состојби. Книгата, всушност, е резултат на скоро дведецениски предавања на авторот на предметот Историја на православните помесни цркви на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски" во Скопје, но и на посветеноста на авторот да ја истражува историјата на МПЦ.
Овој труд на Трајановски е најактуелната историографска и монографска публикација за Македонската православна црква – Охридска архиепископија, кој се појавува по 45-годишнината од автокефалноста на МПЦ. Книгата претставува и најкомплексниот труд на македонски јазик посветен на историјата на другите православни цркви.
Инаку, проф. д-р Александар Трајановски бил носител и координатор на повеќе проекти во ИНИ, МАНУ, ДАРМ, ИСППИ и Филолошкиот факултет во Скопје, како и на Педагошкиот факултет во Битола. Сите поранешни научни проекти ги трансформирал во забележителни научни студии, монографии, зборници на документи или друг вид на одделни публикации. Учествувал на над стотина научни конференции, конгреси, тркалезни маси, предавања и друг вид на научни собири во земјата и странство. Тој е автор или редактор на повеќе од триесет одделни публикации, учебници, зборници на документи или историографии.
(МКД)
4 јануари 2014