СВЕТИ НИKОДИМ ПРИЛЕПСKИ И ТИСМАНСKИ
МОНАХОТ ОД ПРИЛЕП ГИ ИЗГРАДИ КУЛТНИТЕ МАНАСТИРИ ВО РОМАНИЈА
На вториот ден од Божик православните верници го слават и Св. Никодим Прилепски и Тисмански. Овој светител по потекло од Македонија исклучително е почитуван во Романија каде што бил основоположник на монашкиот живот. Манастирите што ги изградил, особено манастирот во Тисмана каде што биле погребани неговите мошти и денес се незаобиколно место за поклонение на верниците. Поклониците од Македонија, кои ги посетиле овие места, велат дека домаќините биле особено срдечни кога чуле дека се од земјата на светецот. Инаку, св. Никодим помогнал да се тргне и анатемата од Српската црква кога таа еднострано прогласила своја патријаршија.
Игумен во Хиландар
Преподобен Никодим е роден 1320 година, во Прилеп. Проучувајќи го Светото писмо, го засакал монашкиот живот. Со некои монаси од манастирот Хиландар заминал на Света Гора каде што првин се подвизувал во манастирска заедница, а потоа и сам во пештера. Во 1343 бил ракоположен за јеромонах.
Kако игумен на Хиландар придонел братството да достигне до стотина монаси, а многу пустиници, монаси и игумени оделе кај него за совет.
Во 1375 година Никодим посредувал во Kонстантинопол за разрешување на конфликтот меѓу Српската црква и Kонстантинополската патријаршија, до кој дошло по едностраното прогласување на Српската црква за патријаршија во 1346 година. Иако отишол само како преведувач, патријархот Филотеј и царот биле восхитени од неговата смиреност и од мудроста со која придонел Kонстантинополската патријаршија да ја укине анатемата со која ја осудила Српската црква.
Од Света Гора со неколкумина ученици отишол во близина на Видин во Бугарија каде што ги основал монашките заедници Вратна и Манастирица. Во 1364 година преминал во Валахија, денешна Романија, каде што на брегот на реката Водица, со помош на владетелите Влајку Вода и Раду изградил келии и храм посветен на свети Антониј Велики.
Сонот за моштите
На брегот на реката Тисмана го изградил истоимениот војводски манастир, посветен на Успението на Богородица. Го основал познатото манастирско братство, ги поставил правила на заедничкото монашко живеење, според правилата на Света Гора и основал школа за калиграфи и за препишувачи на црковни книги, која била прочуена на Балканот.
Ги основал и манастирите Вишина и Прислоп, подоцна наречен Горен Силваш, каде што своерачно го напишал словенското Тетраевангелие (1404-1405), кое се чува во Националниот историски музеј во Букурешт.
Пред староста го доверил раководењето на манастирите Водица и Тисмана на свој ученик и се повлекол во пештера, а само в недела и на празници слегувал во тисманскиот манастир и служел литургија.
Свети Никодим Прилепски и Тисмански починал на 26 декември 1406 година. Неговите свети мошти биле погребени во црквата на манастирот „Тисмана".
Kога подоцна валахискиот владетел сакал да ги премести во Букурешт, свети Никодим се јавил во сон на некој монах заповедајќи му да каже на игуменот да ги скрие неговите мошти и да остави само еден прст поради верниците. Игуменот зел еден прст и миро од светите мошти и го ставил во ковчеже. До денес прстот е во манастирот „Тисмана" и не е дозволено да се зема мирото, туку само може да се целива садот во кој се наоѓа.
Моштите останале скриени до денешен ден, а преку останатите парчиња мошти на преподобниот Никодим се случуваат големи чуда.