Олга Панкина е годишен добитник на награда „Гоцева мисла"
Жирито во состав проф.д-р Златко Крамариќ (претседател), проф.д-р Александар Прокопиев и доц.д-р Христо Петрески (членови) денес одлучи годинашната награда "Гоцева мисла" да ѝ се додели на Олга Панкина, писателка и преведувачка од Русија, која сега живее и работи и во Скопје.
Наградата ја доделува Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација "Македонија Презент", а минатата година прв добитник беше Златко Крамариќ актуелен амбасадор на Хрватска во Македонија.
Наградата се доделува според знаменитата мисла на Гоце Делчев - за културен натпревар меѓу народите, односно за севкупниот ангажман и придонес на Олга Панкина на планот на афирмацијата и презентацијата на македонската литература и култура во странство, посебно со нејзините многубројни преводи и книги на руски јазик.
Наградата на добитничката Олга Панкина ќе и биде врачена на 4 февруари, роденденот на Гоце Делчев, во Културниот центар "Феникс", со почеток во 11 часот, кога ќе започне и традиционалната манифестација - "Фестивалот на чајот и читањето", кој ќе се одржува и трае до 8 март.
(МКД)
16 јануари 2014