|
Каков договор за „добрососедство“ бара Бугарија?
Каков договор за „добрососедство" бара Бугарија?Евидентното отсуство пред нашата и особено пред странската јавност на едно пошироко афирмирање на македонските научно потврдени и верифицирани историски факти и документи за развојот и за еволуцијата на македонската национална општествено-политичка мисла во минатото и денес за етногенезата на македонскиот народ и неговиот национален идентитет, историјата, културата и јазикот, благо кажано, е несфатливоВрз статијата „Стапиците во договорот за добрососедство со Македонија и можностите за нивно надминување", објавена во бугарското списание „Геополитика" во почетокот на декември 2013 година од авторот д-р Бисер Банчев, дописен член на БАН, се осврнавме во колумната во НМ од 9.1.2014 година („Бисерите на д-р Бисер Банчев"). Потпишувањето на еден ваков билатерален договор од бугарска страна во последно време ѝ се предочува на Република Македонија како услов за нејзина поддршка во добивањето датум за почнување преговори за членство во Европската Унија и во НАТО. Ова неодамна во Скопје официјално и децидно го потврди и бугарскиот министер за надворешни работи Кристијан Вигенин, за време на неговата еднодневна посета на Македонија, а исто така и со неговите најнови изјави од Софија, за наводната проблематичност на членот 49 од Уставот на Република Македонија.
Затоа, ова прашање, заедно со од поодамна наметнатиот проблем со името на нашата земја од страна на соседна Грција, треба да претставува еден од стратегиските приоритети на актуелната надворешна политика на државата и на нејзините политички субјекти во вкупните македонски меѓународни односи. Но, истовремено, на поширок план, се налага потребата овој проблем да биде и приоритетна активност во работата и дејствувањето на сите други компетентни и надлежни научни и општествени институции, владини и невладини организации и здруженија и средствата за информирање во земјава, каков што е случајот со приодот на соодветните институции во соседните земји Грција и Бугарија, кои организирано и систематски ѝ даваат значајна логистичка поддршка на актуелната државна меѓународна политика на своите земји во однос на пошироката интернационализација на таканареченото „македонско прашање".
Од тие причини, евидентното отсуство пред нашата и особено пред странската јавност на едно пошироко афирмирање на македонските научно потврдени и верифицирани историски факти и документи за развојот и за еволуцијата на македонската национална општествено-политичка мисла во минатото и денес за етногенезата на македонскиот народ и неговиот национален идентитет, историјата, културата и јазикот, благо кажано, е несфатливо, бидејќи, меѓу другото, на тој начин македонските меѓународни позиции во преговорите и конфронтирањето со споменатите соседни земји во однос на овие прашања ги прави слаби, ранливи и, за жал, инфериорни.
Отсуството на таква поддршка во суштина оди на штета на целокупниот надворешнополитички ангажман на власта и на другите политички субјекти во државата и особено на работата на тој план на македонската дипломатија за афирмација, но и заштита и одбрана на вкупните македонски национални интереси во регионот и пошироко.
Ваквата пасивност и интровертност на надлежните македонски научни институции, во прв ред на МАНУ, ИНИ, Институтот за македонски јазик и други, и на нивните можни интелектуални потенцијали, наспроти мошне интензивните, дури и нападни грчки или бугарски настапи на нивните научни институции и поединци на овој план, пред меѓународната јавност создаваат привид за недостиг од релевантни аргументи на македонската страна во одбраната на нејзините национални политички позиции и ставови во поглед на одбраната на легитимитетот на уставноста на државата, името и на националниот идентитет на нејзиниот народ.
Инаку, присуството на договори за добрососедство и соработка во билатералните односи на земјите-соседи е вообичаена и легитимна дипломатско-протоколарна практика и во тоа нема ништо необично и чудно. Но барањето еден таков договор да биде потпишан како исполнување услов за да се спречат аспирациите на една земја за реализирање на нејзината легитимно изразена политичка волја за асоцирање во одредена организација на мултилатерален план излегува од рамките на меѓународното право и постојната дипломатско-конзуларна легислатива. Тоа само по себе укажува дека ваквиот документ задолжително крие одредени политички замки со кои се детектира постоење на некакви други меѓудржавни аспирации, кои не се во духот на вообичаените добрососедство, пријателство и соработката, туку имаат сомнителна политичка заднина и претензии. А бугарските великодржавни аспирации во однос на Македонија имаат „долга традиција" и мошне добро им се познати на повеќе македонски генерации во изминатиот социјалистички систем на државно уредување, но и во последните две децении од постоењето на самостојна и независна демократска Република Македонија.
Основните бугарски тези во политиката и односот кон нашата земја, за кои споменатиот научен соработник на БАН отворено зборува и во својата статија во „Геополитика", почиваат врз стереотипите од минатото и историјата од крајот на 19 и почетокот на 20 век и може да се идентификуваат како претензии на Бугарија и нејзината актуелна власт спрема Македонија и во почетокот на овој 21 век. Со помош на својот статус на членка на ЕУ и на НАТО, сегашната бугарска власт сака на мала врата да ги провре неостварените великонационалистички „романтични соништа од својата историја" во однос на Македонија, нејзината територија, културното наследство, јазикот, историјата и воопшто кон македонската кауза.
Договорот за „добрососедство и соработка", по мерка и критериуми што официјална Софија ги претпочита, треба да биде параван зад кој сиве овие барања би добиле легитимитет и признавање од македонска страна.
Останува нејасно и недоволно образложено зошто апострофирањето на македонскиот устав, со кој Македонија гарантира дека спрема ниту една соседна земја нема какви било територијални претензии и не поддржува промена на постојните меѓудржавни граници, поточно нејзиниот член 49, со кој од македонска страна се изразува грижа за деловите на македонскиот народ што живеат во соседните и други држави, од бугарска страна се толкува како мешање во нејзините внатрешни работи, а всушност значи непризнавање на постоењето население во Бугарија, кое се изјаснува со македонска националност, кога и самата покажува таква грижа за „бугарското национално малцинство во Македонија", тврдејќи дека тоа е обесправено.
Евентуалното бришење или преформулирање на овој член од македонскиот устав би значело признавање дека македонскиот и бугарскиот народ имаат ист национален идентитет, што e цел на великобугарската државна политика спрема Македонија, која повеќе од еден век ги држи во заложништво токму добрите меѓусоседски односи на двата народа. Од тие причини, не постои никаква оправдана основа за промена на овој член од Уставот на Македонија, а најмалку тоа треба да произлезе од „договор за добрососедство и соработка" што ќе биде по мерка на овој историски анахронизам.
Друго е пак прашањето дали бугарските „аргументи" пред напредната демократска јавност на земјите-членки на ЕУ ќе бидат прифатени како оправдани и основани, како што еве повеќе од 20 години се прифаќаат „аргументите" на соседна Грција, дека македонската територија е всушност дел од грчката територија и за да се разликува од неа ѝ е потребно друго име со географски и некакви други одредници. Ако и бугарските барања во однос на Македонија во Брисел ја добијат тежината на грчкото вето, тогаш Македонија, според националполитичката логика на барањата на нејзините соседи, (заедно сосе нив) одамна е интегрирана членка и во ЕУ и во НАТО, само што ние не сме го знаеле тоа!
(Авторот е поранешен македонски дипломат)
| | | | Автор: Драган Јањатов (Нова Македонија) 24 јануари 2014 |
|
|
|
Views: 371
| Added by: Вељанко
|
|
|