|
ДВОЈАЗИЧНОСТА И УЛТРАНАЦИОНАЛИЗМОТ НА ХОВИТ ПОМИНА ВРЕМЕТО НА „ВРТЕЊЕ НА СТРЕЛКИТЕ НА ЧАСОВНИКОТ“
ДВОЈАЗИЧНОСТА И УЛТРАНАЦИОНАЛИЗМОТ НА ХОВИТ
ПОМИНА ВРЕМЕТО НА „ВРТЕЊЕ НА СТРЕЛКИТЕ НА ЧАСОВНИКОТ"
Во не толку далечната 2001 година, Брисел и Вашингтон ги искористија Албанците за да го реорганизираат овој дел на Балканот. Свежи се сеќавањата како терористите преку ноќ станаа борци за човекови права, а нивните барања со поддршка на Западот на 13 август 2001 беа забележани во Охридскиот рамковен договор, по кој Македонија не е веќе истата држава какава што беше претходно. Овој експеримент на меѓународната заедница, плус Законот за територијалната организација, ја подели државата по етничка линија. Станавме збир на племенски заедници, при што, наместо развивање на граѓанската свест, уште толку се промовира етничката припадност и правата што му следуваат на секој етникум, особено на Албанците.
Откако н` поделија, сега тие истите што ни ја направија кашата не сакаат повеќе да н` гледаат така разделени и како не се разбираме едни со други, па „незадолжително" ни предлагаат да почнеме да го учиме јазикот на другиот за полесно да се разбереме, со што, според нив, поточно известувачот за Македонија, Ричард Ховит, ќе се избегне можноста за меѓуетнички тензии и конфликти. Промовирање на овој предлог, предизвика револт кај Македонците, а тоа најдобро говори дека идејата на Ховит не само што нема да значи намалување на тензиите туку може да предизвика нови. Kолку и да беше ублажена формулацијата за „двојазичноста" во Резолуцијата за Македонија, со самото тоа што воопшто е спомената, може да биде добро алиби за веќе утре албанските политички партии да испорачаат ново барање, а со самото тоа државата да стане трусна, лесно запалива однадвор. А како тоа изгледа, имавме можност да видиме во 2001 година. „Двојазичноста" според замислата на Ховит, ги надмина сите рамки и рамчиња на договорениот Рамковен договор.
Предлогот на Ховит, поддржан од Грците и Бугарите, може да се протолкува како блед обид да се покрие главната пречка зошто Македонија не почнува преговори со ЕУ, и да наметне нова задача од ЕУ за Македонија за да се прикаже дека освен спорот за името кој нашиот јужен сосед го има со нас, земјата има уште задачи за решавање дома. И додека една држава членка ја попречува Македонија само поради тоа што нејзините граѓани не сакаат да се прекрстат, односно самоукинат, а барање на јужниот сосед се граничи со фашизам, Ховит кај нас забележал „ултранационализам" (ама и во целиот регион)? Не е јасно што го поттикнало Ховит да донесе ваков заклучок и тоа да им го соопшти на европарламентарците и истото да биде вметнато во Резолуцијата. Можeби соопштение на ТМРО со кое се бара претседателот на Македонија да биде чист Македонец. За разлика од ТМРО, која е мала партија, чии ставови ретко можете да ги прочитате во медиумите, грчката Златна зора во 21 век обележува „циганоскопјани", и ништо чудно ако се најде во новиот состав на Европскиот парламент. Во моменти кога една членка на ЕУ, Франција ги брка Ромите од нејзината територија, а неколку држави забранија или се на добар пат да забранат носење бурки, Европејците виделе кај земјите од процесот на проширување, меѓу кои и Македонија, ултранационализам, па повикуваат на антидискриминациски политики и толеранција во општеството, без оглед на верата, етникумот или јазикот.
Токму во државата од која доаѓа Ховит, а која в година ќе одлучува на референдум дали и натаму ќе биде дел од Унијата или ќе излезе од неа, често може да се слушне за безредија во градовите поттикнати од верска омраза. Но, тоа претпоставувам за Ховит не е улратнациознализам и нетолеранција кон различниот, туку таму е „демократски". Подготвувањето на разно разни стратегии за заштита од напливот на муслимани таму е нормално, а овде тоа е недопустливо и е „ултранационализам". И тоа во моменти кога европскиот политички мејнсрим е вознемирен поради заканата дека 2014 година ќе се појави најевроскептичниот и антиевропски парламент во историјата, кога на цена се партиите кои сакаат да ја вратат на сцена националната припадност и да го спречат претворувањето на нациите во апстрактни појави.
Можеби токму поради таквиот однос на привилигирани и потценети во европското друштво, на давањето преголема слобода за мешање во внатрешните работи на една држава, на двојните стандарди и аршини, на Украина ~ се виде подобро да склучи договор од 15 милијарди евра со Русија отколку да продолжи со нејзините евроинтеграции. Деновиве сме сведоци како во Kиев се одвива битката за превласт меѓу Брисел и Вашингтон на една страна и Русија на друга.
Исходот од таму ќе покаже дали поранешните хегемони се моќни и натаму да го креираат светот по свој терк, или на повидок е создавањето на нова сила во Европа, противтежа на Европската Унија, наречена Евроазиски сојуз. Така што, се чини на Брисел му претстои многу потешка битка и внатре, борба со невработеноста, грчката криза и со зајакнатите националистичките партии кои се против проширувањето на Унијата, како и надвор, со Унијата предводена од Русија.
Што се однесува до Македонија, околу 67 проценти се изјаснија дека се против промена на името за влез во ЕУ. И ако толку Брисел сака да н` интегрира во своите редови, нема потреба да смислува нови и нови задачи, туку едноставно не треба да дозволи еден билатерален спор да биде пречка за Македонија да напредува на патот кон ЕУ. Оти ако продолжи ваквата ситуација и упорното инсистирање на промена на името и идентитетот, а од друга страна продолжи јакнењето на Евроазиската унија, ништо чудно, во иднина граѓаните да поскаат наместо во ЕУ, Македонија да се приклучи во оној сојуз на кој нема да му пречи името на народот и на државата. Зашто, се чини дека помина времето кога европските претставници можеа да си дозволат „вртење на стрелките на часовникот" пред македонските граѓани.
Ирена Радовановиќ
(Дневник) 26 јануари 2014
|
|
Views: 188
| Added by: Вељанко
|
|
|