|
ВРАЌАЊЕ НА ИЗВОРОТ НА ВЕКОВНИТЕ ОБИЧАИ И ТРАДИЦИИ (2дел)
ВРАЌАЊЕ НА ИЗВОРОТ НА ВЕКОВНИТЕ ОБИЧАИ И ТРАДИЦИИ Осумдесетгодишниот Бранко Михајловски се сеќава на минатото. Како дете најмногу се радувал на 31 јануари. Со родителите доаѓал на Чука, на празнувањето. По завршувањето на богослужбата во црквата, како што вели тој, заедно со повозрасните и децата се веселеле, а на детските игри со снегот им немало крај. Ден кој никогаш не го заборава.
Волковчани, облечени во свечено руво, утрото на 31 јануари доаѓале во месноста Чука да запалат свеќа во манастирот, да присуствуваат на богослужба. Потоа, жените и дечињата се враќаат дома, а мажите ја продолжуваат веселбата. За оваа пригода се подготвува греена ракија. Се палат огнови, на жар се печат домашни колбаси, месо, компири... се пие црвено вино, се пеат песни, се игра ора, се останува се' додека не се стемни. Потоа, поделени во тајфи празнувањето го продолжуваат во куќите каде што се празнува домашната слава или именден.
Трпче Ценоски, претседател на Црковниот одбор, ни појаснува дека со овој собир и веселба се означува завршувањето на зимските празнувања на црковните слави. „Овој собир е круната на празнувањата и веселбите. Од февруари постепено започнуваат земјоделските активности. Волковчанки во минатото, исто така, се собираа и празнуваа ден пред тоа, на свети Антонијо. Но, оваа традиција, за жал, не ја возобновивме. На овој ден жените одат в црква, палат свеќи за здравје, а потоа се собираат со најблиските да го испијат утринското кафе и греената ракија".
На отворено, во близина на Дупно Камче, на Чука, се одржа промоцијата на монографијата „Мојата Волковија" од волковчанецот Виктор Рафајловски. Промоторот, пензионираниот професор Петре Спасеновски, истакна дека монографијата има 35 поглавја и 132 фотографии. Авторот вложил голем труд во истражување и успеал да открие многу факти за настанокот и развојот на Волковија низ вековите, кои им се достапни на сите кои ги интересира историјата и сегашноста на ова село со вековна традиција. Рафајловски посветува посебно внимание на волковската свадба, волковската народна носија - машка и женска, на архитектурата, на печалбарите кои најчесто оделе во Станбол (Истанбул), Софија, Букурешт, Белград и во други европски градови.
Авторот на монографијата „Мојата Волковија", пензионираниот дипломиран економист, седумдесетгодишниот Рафајловски, рече: „Многу сум задоволен што монографијата виде бел ден, со што го исполнив аманетот на татко ми. Неколку години макотрпно работев во прибирањето документи во архивите во Белград, Софија, Скопје и во Тетово. Во тоа успеав и расветлив многу значајни историски настани од развојот на Волковија. Поместувам и лични сеќавања и сеќавања на моите блиски роднини, соседи, другари".
Неуморниот организатор на традицијата, незаменлив скараџија, Тике Михајлоски, со задоволство говори. „Пикниците се дело на Македонците. Пред неколку века на средбите, овде на Чука, на жар, создаден од дабови дрва, нашите предци печеле колбаси и месо. Ниту Американците ги измислиле пикниците ниту, пак, западњаците. Нашата цивилизација и мудрост, кујната и културата на исхрана се постари од многу народи и држави во светот".
Од големиот лонец во кој се вареше ракијата се ширеше пријатна миризба, големата скара, поставена под столетното дабово дрво, чрчореше од печењето сланина, домашни колбаси, месо и плескавици, милина беше да се гледа како се подготвува храната, како месото ја добива бојата и вкусот. Гостите мезеа овчо сирење, кашкавал, сланина, салата од кисела зелка, туршија, пиеја греена ракија и уживаа во муабетите. Со ручекот почна да се разлеваат и песните. Една по една, се нижеа како бисер, се рашири оро. Беа испеани и многу автентични волковски песни.
„Нашите предци многу работеле и се' што создале е резултат на голем вложен труд и мака. Но, знаеле да уживаат, да се веселат, да се радуваат на животот", ни вели Јове Александровски, кој пред петнаесетина години се врати во татковото огниште од Скопје. Задоволен е од животот во родното место.
Со паѓањето на мракот на Чука, со домаќините веселбата ја продолживме во селската меана, која траеше до доцна во ноќта. Некои од учесниците веселбата ја продолжија кај блиските роднини и пријатели во селото.
Историја
Селото Волковија се спомнува во 1348 година, кое било приложено на светогорскиот манастир Хиландер. На месноста Чука, на крајот на 13 или на почетокот на 14 век, постоел манастирот „Св. Ѓорѓија". Според напишани текстови во 1546 година, во манастирот имало 18 учени монаси кои ги подготвувале свештениците за околните цркви и манастири. Манастирот претставувал центар каде што се правеле договори за организирано, систематско и континуирано водење на борбата против исламизирањето на македонското христијанско население. Во 1561 година манастирот „Свети Ѓорѓија" и селската црква „Свети Мина" биле запалени и претворени во пепел и урнатини.
Во спомен на изгорениот манастир, волковчани во 1927 година изградиле поголема капела. На празникот Ѓурѓовден (6 мај) се собираат во знак на почит на манастирот. Пред петнаесетина години беше изградена голема црква, со резбан иконостас и со фрески, а пред олтарот се наоѓа камен со височина од еден метар, како свеќник, оставен од првобитниот манастир. (Утрински Весник) 1 февруари 2014
|
|
Views: 287
| Added by: Вељанко
|
|
|