|
Смртта на Гоце Делчев најавена во весник (1дел)
Смртта на Гоце Делчев најавена во весникДокажете, ве молам, дека е жив и здрав, иако мнозина веруваат дека господинот Гоце Делчев е убиен. Докажете им дека е жив! Ако не сакате, тогаш не испраќајте ми на наведената адреса ништо. И сето ова, ве молам, да не се знае од кого е и кој го испраќа", напишала охриѓанката Јанка КаневчеЈанка Каневчева НОВООТКРИЕНО ПИСМО НА ЈАНКА КАНЕВЧЕ, УЧИТЕЛКА ОД ОХРИД Смртта на Гоце Делчев, апостолот на македонското револуционерно движење, роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, неколкупати била најавувана во софиските весници, но само еднаш и само Јанка Каневчева, учителка од Охрид, во февруари 1902 година, со писмо до весникот „Дело", побарала да се демантираат шпекулациите за наводното убиство на Делчев. Во тоа кратко и со децении непознато писмо, охриѓанката Јанка Каневчева, жената што Гоце неизмерно ја сакал, пишува:
„Почитуван редакторе, Ви испраќам во поштенски марки претплата за три месеци на Вашиот весник „Дело". Ве молам, ако е можно, да објавите еден демант...". Само една година подоцна, ваквите шпекулации, кои намерно билe пуштани пред секое заминување на Гоце од Софија, станале вистина. Смртта во Баница, на 4 мај 1903 година, била потврдена со увид на самото место од еден од неговите заробени четници, Георги Савеклијата. Сепак, власта во Цариград бара дополнителни докази и од турското претставништво во Софија. Во врска со тоа, на 9 мај 1903 година, пет дена по убиството, испратена е шифрирана телеграма директно од Портата. Дипломатите на султанот на 14 мај испраќаат кус одговор до великиот везир: „Делчев е меѓу најглавните раководители на Внатрешната организација, а извештаите за неговата смрт во весниците сѐ уште не се поткрепени со документи. Иако во весниците нема документи - веројатно се мисли на фотографии од мртвото тело на војводата - овој пат, за жал, Гоце Делчев навистина бил убиен".
Што напишала Јанка?
Според писмото на Јустанијана (Јанка) Каневчева, единствена вистинска љубовница, односно тајна свршеница на Гоце Делчев, убиството на нејзиниот свршеник „медиумски" се подготвувало најмалку две години однапред. Загрижена за таквата подземна игра на „пријателите", на 8 февруари 1902 година таа пишува писмо, кое следниот ден го испраќа до редакцијата на софискиот весник „Дело", барајќи да се демантираат шпекулациите за наводното убиство на Делчев. Во тоа кратко и досега непознато писмо, охриѓанката Јанка Каневчева, жената што Гоце неизмерно ја сакал, ја замолува редакцијата, „ако е можно", да објави „еден демант на распространетите лажни гласови дека господинот Гоце Делчев е убиен", притоа инсистирајќи тоа да се објави веднаш.
„Докажете, ве молам, дека е жив и здрав, иако мнозина веруваат дека господинот Гоце Делчев е убиен. Докажете им дека е жив! Ако не сакате, тогаш не испраќајте ми на наведената адреса ништо. И сето ова, ве молам, да не се знае од кого е и кој го испраќа".
Сосема на крајот, Јанка пишува дека писмото го пишува во Софија, на 8 февруари, и „останува со вера" дека демантот ќе се објави. А таа добро знаела, бидејќи постојано била во контакт со својот свршеник, дека Гоце е во обиколка на четите во Македонија. Знаела дека веста е лажна затоа што Гоце, секогаш, кога имал и најмала можност, преку куририте испраќал абер до неа дека е здрав и жив. Само таа знаела каде е и кога ќе дојде. Кон крајот на истата 1902 година, одново, којзнае по кој пат, повторно се проширил глас дека е убиен: Јанка со растреперено срце го пречекува во својот дом и не демантира, зашто лагата е очигледна, а Гоце е до неа. Пресреќна е што може да го прегрне; што може да му се порадува, што можат да бидат барем за кратко заедно, вљубени и среќни.
Но, за жал, нивните заеднички среќни мигови траеле само неколку дена. По божиќните празници, истата таа 1902 година, Гоце доаѓа на проштална вечера кај неа пред да замине во Македонија. Според сведоштвото на Јанка, по вечерата таа му го предава завршеното црвено востаничко знаме со лав и фигура на девојка. Освен знамето, Јанка го изненадува и со уште еден убав божиќен подарок - срмен елек што ќе го чува од студот по македонските планини. За да не ѝ го расипе расположението, Делчев не ѝ кажува дека некои луѓе одлучиле да креваат востание во Македонија, за кое веќе речиси јавно се зборува, а тој е против тоа. Заминува од домот на својата свршеница со нејзиниот елек под капутот. Истата ноќ се сретнува и со својот драг пријател и соборец Михаил Герџиков, кој упорно, на секаков начин, се обидува да го убеди да го одложи своето заминување во Македонија. Герџиков предлага заедно да заминат по неколку недели. Според неговите спомени, Гоце воопшто не сакал да разговара за никакво одлагање; бил многу растревожен и потиштен од одлуката токму таа пролет да се крене општонародно востание во Македонија. На Герџиков му признал дека ќе стори сѐ да се одложи востанието, затоа што народот не е вооружен и не е подготвен за такво нешто. Во такви услови, велел Гоце, тоа нема да биде востание, туку кланица.
Герџиков, неговиот верен другар и соборец, подоцна ќе запише дека никогаш не го видел Гоце толку тажен и загрижен. Пред да замине го прегрнал и со солза во окото му рекол: „Ако се случи нешто со мене, ако ме убијат, има две нешта за кои милеам - татковината и Јанка. Чувај ги и двете. Ако некогаш, подоцна, се родат некакви чувства меѓу тебе и Јанка, бидете благословени". Само неколку дена подоцна во софиските весници повторно излегува информација дека Гоце Делчев е убиен во Македонија.
|
|
Views: 255
| Added by: Вељанко
|
|
|