|
Смртта на Гоце Делчев најавена во весник
Смртта на Гоце Делчев најавена во весникРазочаран од Даме Груев Според спомените на Герџиков, Гоце ја напушта Софија веднаш по божиќните празници. Следниот ден стигнува во Самоков, а потоа преку Боровец и селото Говедарци заедно со четата се спушта во Демиркапискиот премин, започнувајќи ја својата последна обиколка на Македонија. Во февруари 1903 година Делчев е во Неврокопско, каде што како гром од ведро небо, како што вели самиот, го пресретнува веста дека пред две недели Солунскиот конгрес донел дефинитивна одлука за општонародно стратегиско македонско востание. Претседателот на ЦК на македонската револуционерна организација, Иван Гарванов, не почувствувал никаква потреба ниту да го консултира за таквото решение. Затечен од таквиот развој на настаните, сосема потиштен и тажен, како што пишува Пеју Јаворов, Гоце заминува за Солун за да ги чуе лично луѓето што ја донеле таа одлука. На 26 април со кошница вапсани јајца во раката влегува во градот, каде што од Гарванов, а особено од Даме Груев, го добива последниот удар на разочарување. И Груев е за востание, иако знае дека народот е многу слабо вооружен. Преоблечен во ќумурџија го напушта Солун и заминува во Серско, каде што има намера да дејствува кога ќе почне востанието. Притоа, разочаран од Даме Груев, скршен од тага поради одлуката за предвремено востание, не ги презема неопходните, вообичаени мерки за обезбедување. На 2 мај 1903 година доаѓа во селото Баница, а реонот е веќе полн со турска војска, најмногу поради потерите по војводата Георги Радев. Во тоа време четите на Михаил Чаков и на Димитар Гоштанов се стационирани во кориите над селото Горно Броди. Оттаму ја гледаат турската војска што се движи кон селото. Приквечер Чаков и Гоштанов добиваат наредба од серскиот окружен раководител Лазар Димитров да го пречекаат „апостолот" во селото Баница. Двајцата војводи со своите чети веднаш тргнуваат и на 4 мај, околу два часот по полноќ, веќе се во Баница. Делчев ги пречекува во куќата на Запро Ципаров. По краткиот разговор, палат по една цигара и се повлекуваат на одмор. Додека четите одмораат, Баница е сардисана од турската војска. Војводата Радев, кој не можел да заспие, го буди Гоце и од чардакот двајцата гледаат дека Турците се веќе сретсело. Токму тогаш го убиваат раководителот на организацијата во селото Стојан Попов, а Гоце, Михаил Чаков, Георги Радев, Димитар Гоштанов и сите комити од двете чети ги напуштаат куќите на Георги Трендафилов и Запро Ципаров.
„Вистинското" убиство
Само неколку минути подоцна, придружбата на Гоце, заедно со него на чело, излегува на Бакарово Гумно. Според сведоштва на комитите што биле со него, Гоце прв почнува да пука во војниците што ненадејно излегуваат од зад камените потпорни ѕидини на нивите. Во таа куса престрелка еден куршум го пронижува во градите. Имал само триесет и една година и два месеца. Следниот ден - петти мај 1903 година - турската војска прави увид на местото и утврдува дека меѓу убиените е и Гоце Делчев. Во него се најдени карта на серскиот реон и упатство за минирање на пругата. Куршумот го беше пронижал и елекот што за Божиќ му го подарила Јанка Каневчева. Војводата Михаил Чаков во своите спомени, меѓу другото, пишува: „Гоце лежеше ничкум. По заповед на командирот, војниците ги превртиле убиените. При превртувањето на Гоце, командирот Тефиков, Кукушанец, пријател на Делчев од детството, веднаш го познал, рекол: Ете, тоа е Делчев! Еден војник, кој бил до трупот, нервозно скокнал и замавнал со бајонетот кон главата на Гоце. Тефиков бесно го турнал и наредил веднаш да се казни. Тоа се случило пред неколкумина селани од Баница".
На шести мај посмртните останки Делчев и Димитар Гоштанов биле положени во одделни гробови под високите брестови на полјаната наречена Света Недела. На Ѓурѓовден 1906 година, Михаил Чаков и Таската Серски организираат тајна мисија за откопување на коските на Гоце. Ковчежето го скриваат под светиот престол на црквата во Баница. Моштите на Гоце почиваат во црквата до 1917 година. По три пожари во селото и три палења на црквата, ковчежето со коските за чудо останува цело, неоштетено под олтарот. Благодарение на Михаил Чаков и на клисарот Никола Мутафчиев, моштите на Гоце се однесени во градот Ксанти, а во 1917 година, преку Пловдив, во Софија. До 1923 година ковчежето се чува во домот на Михаил Чаков, пред икона, осветлено деноноќно со кандило. На 2 август 1923 година моштите на Гоце се изнесени од домот на Чаков и следните десет дена ковчежето е изложено за поклонение во црквата „Света Недела" во Софија. Потоа биле качени на црковниот таван, а оттаму подоцна пренесени во канцеларијата на македонското братство „Илинден". Ковчежето со моштите на Гоце до 1946 година се чува во македонскиот дом на улицата Пиротска во Софија. Притоа треба да се каже дека уште во 1923 година на кивотот со моштите било напишано: „Ги заколнуваме поколенијата што ќе дојдат моштите да бидат погребани во главниот град на независна Македонија". Заветот е исполнет и во октомври 1946 година моштите на Гоце се пренесени во црквата „Свети Спас" во Скопје.
Свршеницата, охриѓанката Јустенијана (Јанка) Каневчева за неговата смрт дознава неколку дена подоцна. Следните неколку години таа ќе ги помине во црнина, иако била девојка; тој и таа си имале дадено збор само меѓу себе, без обврски и без сведоци. Пет години подоцна, откако се родиле чувства меѓу нив, Михаил Герџиков ѝ предлага брак. Следната година им се раѓа ќерката Магда. До пред неколку години Магда, која тогаш имаше 96 години, живееше во Софија. Војводата Михаил Герџиков, еден од најблиските и најверните соработници на Гоце Делчев, докрај го исполнил заветот на својот другар: се грижел за Јанка до нејзината прерана смрт и се борел за Македонија до својата смрт. Свршеницата на Гоце ја зел за сопруга. Има фотографија на Јанка со нејзиниот сопруг Михаил Герџиков и нивната ќерка направена во Охрид 1941 година. Според Димо Хаџи-Димов, дента кога Гоце го убиле во Баница, Михаил цел ден лежел ничкум како да плаче за Македонија. Никој не знаел дека истовремено плаче и за неа, за онаа за која, како што му рекол на Герџиков „милеам исто како за Македонија". По многу лажни информации во весниците, нејзиниот свршеник конечно навистина бил убиен, а не стигнале ниту да се сликаат за спомен. Автор: Блаже Миневски
(Нова Македонија) 3 февруари 2014
|
|
Views: 252
| Added by: Вељанко
|
|
|