|
РУСКИ КАЛУЃЕР ВО 1927 ГОДИНА ГО ОТКОПАЛ СТАРИОТ МАНАСТИР ВО ЛЕШОК
РУСКИ КАЛУЃЕР ВО 1927 ГОДИНА ГО ОТКОПАЛ СТАРИОТ МАНАСТИР ВО ЛЕШОК Зоран Андонов
Рускиот калуѓер Теодорит Никаноров, кој по Октомвриската револуција побегнал од Русија во Македонија, во 1927 година го обновил стариот манастир „Св. Атанасиј" во Лешок, кој многупати бил уриван и обновуван, а во последно време е на удар на вандали кои го уништуваат барајќи богатство во него. Диви копачи деновиве по којзнае кој пат го осквернија овој духовен храм. Поведени од некакви измислени приказни за скриено богатство, вооружени со некакви стари карти, но и со современа електронска опрема, дивите копачи ја преоруваат Шар Планина. Стариот манастир „Св. Атанасиј" е место кое често е на удар на нивните лопати и копачи. При последното прекопување тие искршиле две надгробни плочи, отвориле два гроба во внатрешноста на црквата, но пронашле само човечки коски.
Илија Петрушевски од Лешок, добар познавач на локалната историја, во повеќе наврати пишува за потеклото на овој духовен храм.
- Манастирот „Св. Атанасиј" се наоѓа на 600 метри над селото Лешок, а е изграден во периодот од 1321 до 1331 година од првиот полошки епископ Јоаникие, познат и под името Антоние. Манастирот, со своето манастирско братство, опстанувал с` до 1601 година, кога поради честите напади и ограбувања од арамиите, скопско-полошкиот епископ Никадор, роден во Лешок, изградил нови конаци покрај црквата „Св. Богородица", односно на локалитетот на кој денес се наоѓа Лешочкиот манастир. Стариот манастир постоел с` до 1689/90 кога по австротурската војна Османлиите разурнале голем број цркви и манастири. Во тој период бил разурнат и овој манастир и затрупан со земја останал с` до 1927 година - објаснува Петрушевски.
Во оваа година монахот Теодорит Никаноров, руски калуѓер, кој по Октомвриската револуција од Kиев, Украина, побегнал на овие простори, ја раскопал и ја расчистил разурнатата стара црква „Св. Атанасиј".
- Тогаш во урнатините биле пронајдени иконостасот, чесната трпеза, архиерејскиот трон, свеќници, три саркофази од мермер, меѓу кои и тој на ктиторот Јоаникие, на кој има напишано податоци кои се од историска важност за манастирот. Овој манастир е меѓу најстарите во полошкиот регион и е прво седиште на Полошката епархија. Во него има големо културно богатство на нашиот народ, а дека има скриено злато, тоа с` само измислици. За калуѓерите, богатството било духовноста, а не материјалното - вели Петрушевски.
Ваквата историја, како и неговата локација и оддалеченоста од Лешок и од околните села, го прават овој локалитет идеален за дивите копачи. Нема да мине година, а да не се забележи дека некој копал околу и во манастирот. Во 2007 година петмина диви копачи беа фатени на дело како копаат во дворот. И тогаш, како и овој пат, пронашле само човечки коски и по некој фрагмент од керамика. Во текот на конфликтот во 2001 година овој објект беше оштетен, а зачуваните фрагменти од фреските беа испрскани со спреј. Иако објектот е ставен под заштита на државата како редок културно-историски споменик, малку се води грижа за него. По долги години пропаѓање, дури лани беа обезбедени средства и беше обновен разурнатиот покрив.
- Населението, не само од Лешок туку и од околните села, има голема почит кон овој манастир. Секоја година овде, спроти Атанасовден, кој е на 31 јануари, се собира многу народ и се слави овој празник. Навистина ретка е можноста да се види толку народ од околните места како доаѓа во ова светилиште. Токму затоа треба повеќе внимание да му се придаде на манастирот, тој треба целосно да се реновира и така ова место може да стане привлечно за голем број посетители не само на овој ден туку и преку целата година - вели Иван Атанасовски, претседател на Месната заедница на село Лешок.
На пронајдената надгробна плоча од саркофагот на ктиторот на овој манастир стои запишано: „Јас, јеромонах Антоние, дојдов на ова место, расчистив и раскопав грмови, го израмнив ридот и почнав да го ѕидам храмот ’Свети Атанасиј’..." Ова големо дело на јеромонахот Антоние денес треба повторно да го направиме. (Дневник) 4 февруари 2014
|
|
Views: 287
| Added by: Вељанко
|
|
|