Со неповратни средства и со експертиза за изработка на физибилити-студија јапонската влада ќе го поддржи колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро. Дејан Пановски, македонскиот претставник во билатералниот македонско-албански Секретаријат за заштита на езерото, истакна дека јапонската донација е резултат на интензивните контакти на македонските надлежни институции и на доставената апликација од наша страна.
- Јапонската агенција е подготвена сразмрено на своите процедури да издвои средства и за самиот процес на рехабилитација и да учествува во подготовка на поширока Донаторска конференција, планирана да се изведе по објавата на физибилити-студијата. Ова е генерациска шанса да се обезбеди комплетна долгорочна стабилна состојба на Охридското Езеро - истакна Пановски.
Активностите на Јапонската агенција за рехабилитација на колекторскиот систем на Охридското Езеро започнаа веднаш по потпишувањто на договорот за соработка во областа на екологијата помеѓу премиерите на Македонија и Јапонија.
Јапонски експерти досега имаат преземено неколку мисии во регионот, при што е изработен и извештај за состојбата на колекторскиот систем. Македонското Министерство за животна средина и просторно планирање подготви апликација за издвојување средства за изработка на физибилити-студија, што е веќе одобрена.
Партнер на Јапонската агенција е Министерството за финансии, а стручниот дел се одвива преку Министерството за животна средина и просторно планирање во Скопје и одделението во Охрид.
(Дневник)
4 февруари 2014