Екипи на „Паркови и зеленило" од вчера почнаа да го чистат и уредуваат вториот дел на Градски парк. Рачно и машински ги кројат крошните на дрвјата, ги отстрануваат старите, заболени и исушени гранки, ги чистат паднатите гранки во каналите и езерцата, ги сечат старите и заболени тополи...
Акцијата за „генералка" на вториот дел од паркот ќе трае се' додека комплетно не се уреди зеленилото. Надлежните информираат дека во текот на наредната недела ќе се уредува и зеленилото во првиот дел на паркот.
Инаку, во тој дел „Паркови" изминатите денови ги искроија и обликуваа грмушките, ги отстранија сувите гранки, листови и камења од тревниците. Во текот на акцијата ќе бидат исчистени и рабниците околу патеките во овој дел од паркот. (С.Р.)