16 часот и 45 минути на скопските улици, како и секогаш е метеж. Но, денес овој метеж многу бргу почна да се расчистува. Сите оние кои се враќаа од работа итаа кон своите домови за по половина час да можат да го проследат отворањето на 22 Зимски олимписки игри во Сочи. 

И на децата им е интересно да го проследат отворањето на Олимпијадата. Фотографиja: Петар И. Димитров 

Граѓаните на Македонија се големи љубители на спортските натпревари, особено на оние големите. Исклучок не се ниту Зимските олимписки игри, уште повеќе што овој пат нивен домаќин е Сочи. Македонците се навикнати од Русите да видат нешто ново, нешто спектакуларно, нешто исполнето со многу уметност и со многу неверојатни човекови способности. Затоа сите брзаат кон своите домови. Но, домовите не се единственото место каде се гледаат натпревари. Кафулињата се исто така примамливо место за заедничко следење со пријателите. Токму затоа, денес во скопските кафулиња немаше место каде да падне игла, се бараше маса повеќе, доколку претходно не сте резервирале. 

Нашата редакција имаше чест да присуствува на официјалното заедничко гледање на отворањето на Олимпијадата во Сочи, што беше организирано од страна на Амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија. Во прекрасниот амбиент на ресторанот „Ден и ноќ" се собраа љубителите на спортот. На влезот секој од посетителите си доби лента со знамето на Руската Федерација. Качувајќи се по скалите кон големата сала почнува да се чувствува возбудата и спортскиот дух. Дипломати, политичари, јавни личности, облечени во лежерна, па дури и спортска облека, го очекуваат моментот кога ќе започне директниот пренос. Меѓу нив и претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, кој од технички причини не успеа да замине за Сочи, иако неговото заминување на Олимпијадата беше најавено одамна. 

Амбасадорот на Русија во Македонија н.е. Олег Шчербак и Претседателот на Мaкедонија Ѓорге Иванов. Фотографија: Петар И.Димитров

Во салата во која се наоѓаат неколку големи монитори се поставени балони со симболиката на Олимписките игри – петте олимписки круга, а келнерите носат маички со знакот на Олимпијадата во Сочи. Атмосферата е на високо ниво. Во 17 часот и 14 минути коментаторот го најавува почетокот на отворањето. Најпрво спектакуларен огномет, потоа химната на Руската Федерација, па следуваат спортистите. И тука веќе почнува да расте адреналинот. 

   Започна и последниот, уметничкиот дел. Е, тука навистина сите останаа без здив. Од Русите сите очекуваа многу во овој дел, но она што го видовме се граничеше со реалноста и претставуваше врв на сценската уметност. Сè на сè, очекуваме дека по едно вакво грандиозно отворање, ќе видиме уште пограндиозна олимпијада, за која уште долго ќе се зборува.

   (Руска реч на македонски)

    7 февруари 2014