Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов од утре до вторник ќе престојува во посета на Руската Федерација, во рамки на одбележувањето на 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји.
Утре, во Москва, претседателот Иванов, соопшти неговиот Кабинет, ќе оствари средба со Патријархот на Руската Православна Црква, г.г. Кирил.
За време на престојот во Москва, предвидено е македонскиот претседател да го посети московскиот државен универзитет „Ломоносов", каде на покана на универзитетот ќе одржи предавање.
Реномираниот универзитет „Ломоносов" на претседателот Иванов ќе му ја додели титулата Почесен професор.
Во рамки на церемонијата, претседателот Иванов ќе ги одликува Евгениј Суханов, шеф на катедрата за граѓанско право при московскиот државен универзитет „Ломоносов", со Орден за заслуги и Елена Верижникова, водечки специјалист по македонски јазик во Русија, со Медал за заслуги, за нивниот придонес за унапредувањето на македонско-руските односи.
За време на престојот во Москва, македонскиот претседател ќе го посети саемот „Продекспо", каде е најавено учество на македонски компании.