|
ЗА ЕДНА НЕДЕЛА, ОГРАБЕНИ ТРИ ЦРКВИ ВО ТЕТОВСКО
ЗА ЕДНА НЕДЕЛА, ОГРАБЕНИ ТРИ ЦРКВИ ВО ТЕТОВСКО
За период од една недела дури три цркви се ограбени во тетовскиот крај. Две од нив се случија во соседни села – Вратница и Беловиште. Арамиите посегаат по дарови што ги оставаат православните верници, не обрнувајќи внимание на намерата за дарување.
Членот на Црковниот одбор од Вратница Д.М. (56) пријавил дека било провалено во православниот храм „Св. Константин и Елена". Од неговото кажување и увидот на полицијата било констатирано дека непознатите сторители за да влезат во внатрешноста на црквата, оштетиле влезна врата од кај олтарот. Нема сознанија дека непознатите крадци нешто одзеле, освен причинетата штета.
Во соседното Беловиште, во месноста Петочко Водиче, пак, биле одземени над 3.000 денари оставени од верници. И во овој храм, што го носи името на Јован Крстител, оштетена е влезната врата и причинета материјална штета. Ограбена и оштетена била и црквата „Св. Илија" во селото Стенче, каде што биле украдени над 43.000 денари и причинета материјална штета, бидејќи арамиите ја оштетиле влезната врата, а искршиле и прозорец.
Портпаролот на СВР - Тетово, Марјан Јосифовски, информира дека во текот на изминатата година плен на напознати крадци биле повеќе верски објекти, главно, цркви и една џамија. Во Гостиварско, пак, ограбени се петнаесетина цркви во реонот на Мала Река и селата Тресонче, Росоки, Лазарополе, Селце и Беличица. Покрај пари и разни предмети, одземени биле и стотина икони, меѓу кои и вредни дела на познатиот зограф Дичо. (Г.Е.)
(Утрински Весник) 9 февруари 2014
|
|
Views: 198
| Added by: Вељанко
|
|
|