|
МЕРЕЊЕ НА ВРЕМЕТО KОЛКУ Е СААТОТ ВО МАКЕДОНИЈА?
МЕРЕЊЕ НА ВРЕМЕТО KОЛКУ Е СААТОТ ВО МАКЕДОНИЈА? Ангел Иванов
Најавата дека Евангелос Венизелос ќе ја посети Република Македонија, наводно во својство на претседавач на ЕУ, е чуден и несериозен изговор – измислица. Тој ќе ја посети Македонија исклучиво во својство на - Евангелос Венизелос. Останатите држави во неговата ЕУ-агенда, во својство претседавач на ЕУ. Тој, воедно ќе ~ направи возвратна посета на делегацијата на ДУИ, која беше негов гостин во Атина, предводена од лидерот Али Ахмети. Посетата на Ахмети во Атина не ја коментиравме. Не знаевме ништо во врска со тоа, не ја дознавме содржината и не знаевме што да коментираме. Само ја прифативме, како „добронамерна" за двете страни: гостин Ахмети и домаќин Венизелос. Веројатно имаа што да си кажат и евентуално кажаното да го спроведат околу „разликите" (промената) на името кои сериозно напредуваат, кога тие се среќаваат. И двете страни „имаат решение на повидок".
Ова ќе биде возвратна посета на коалицискиот партнер со кого се водат добронамерни преговори за името на Р. Македонија. Посетата на Венизелос ќе биде невиден изговор, дека дошол да ни пренесе порака од името на ЕУ, всушност да ни каже што тој мисли од името на Грција и од свое име особено. Длабоко се надевам дека нема да го парафразира неговиот претходник Пангалос, кој среде Скопје и во просториите на Владата ни кажа: дека сме мала група хомосексуалци. И тој, нашиот зевзек можеше веднаш, на самото место да го демантира или вложи протест, дека не сме мала група туку, напротив, голема група. Најавениот протокол, дека високиот претставник на ЕУ, доаѓа од Kосово е сериозна порака и јасно подвлекува дека доаѓа од името на Евангелос Венизелос. Kога јас би бил јас домаќин-премиер, би му помогнал во маката - да не го посети Скопје. Kафе-средбата би ја организирал во попатниот и најблискиот ресторан „Европа 94" кое случајно и мило се совпаѓа со неговата ЕУ-агенда во Македонија, како рефрен од строфа. Воедно е непосредно, до границата со Kосово и тој не би имал чувство на мачнина и гадење, да влезе во Македонија. Тоа толку искрено се чита од неговото лице и тоа чувство - толку громогласно го кажува од своја уста, за наше добро и ЕУ-иднина. Се надевам дека протоколот не предвидува химната на Грција и Македонија да ја пеат хорот на „децата" бегалци „Бапчор". Токму тие „деца" се нераскинливата врска помеѓу Македонија и Грција. Еден мост, а двете реки - Вардар и Аксиос.
Стана вообичаено, некои политички делегации, што (наводно) ја посетуваат Македонија, освен официјална посета на државата и црвениот килим, да одат и во „неофицијална посета" во седиштата на поголемите партии, при што излегува дека го става во втор план официјалниот дел од посетата или обратно. Јас како формер југословен, тоа го чувствувам како гостинот освен државата-домаќин, да ги посети и останатите републики и покраини, кога веќе е тука. Па, тие веќе се претставени во државната посета, нели? Официјалната посета, станува параван за неофицијалната визита.
Зарем Венизелос во парламентот на ЕУ, не ни кажува сосема јасно и отворено што сака и тоа истото го кажува толку искрено, без заобиколување и политиканство цели 20 години. А 20 години, поминаа како 20 дена. Тука, веројатно времето не е мерка, уште помалку мерачот на време – часовникот, наречен саат (тур. сахат). Еден европски политичар ни го покажуваше часовникот и ни го врати наназад.
Можеби тој го измислил и го пласирал најновиот виц за Македонија: Во целиот свет е објавено дека за 10 дена, од денес, според календарот на Маите, ќе се случи Потопот. И целиот свет бега во Македонија - да се спаси. Македонците изненадени од многубројните, милионски бегалци, прашуваат: па нели ќе биде потоп за 10 дена, зошто сите бегате во Македонија? Па, да се спасиме! Според сите параметри, вие сте 100 години зад нас, затоа тука бараме засолниште! Затоа што „ разликите" (промената) на името Р. Македонија ја заковаа во окови, како Прометеј во паркот. Не ми се верува, дека Венизелос од името на ЕУ, понел со себе токмак, да ги раскине.
Саатот е постројка (грч. механизам), која неуморно и безмилосно го покажува одминувањето на времето, во текот на денот. Механизмот, освен многубројни запчаници има и стрелки: има мала, има средна и голема. Во секој функционален часовник, најважна е најмалата стрелка. Таа покажува колку е саат (часот) во некој град или држава. Претстои можност, со претстојните избори, (ако воопшто ги има) стрелките по важност, да си ги заменат местата. Втората по големина стрелка, која досега ги покажува само минутите, да стане поважна и да кажува - колку е саатот во Р. Македонија. Има и други можности, ако се договорат можно е и двете стрелки да станат подеднакво големи, со подеднаква важност. Тогаш таквата направа, повеќе не е саат и не покажува време, туку локација и се нарекува компас. Kомпасот e сосема друга справа и покажува географски насоки и намери на талкачот, кој бара решение да се најде вистинската насока на движење. Тие насоки во Македонија се поместуваат сериозно и брзо. Западот на Македонија, с` повеќе навлегува кон истокот. А многу е поважно во Македонија да знаеш колку е саат – отколку во последната секунда да дознаеш, дека е минута до дванаесет или дванаесет и една минута.
Имам претчувство дека Венизелос е само најава за претстојните, но пресудни „избори" - или ЕУ - или Македонија. Венизелос ќе биде сфингата која ќе ни го постави судбоносното прашање, во кое не смее да се содржи зборот – Македонија. Ние, многу не бакариме за времето и имам чувство дека една третина од нас, не носат никогаш часовник и тоа воопшто не е од финансиски причини, туку од фукарлак. Просто, времето и неговото истекување не ги загрижува. Една третина од тие што носат часовник, го покажуваат со особена гордост, бидејќи тој задолжително е марка, која се купува со многу евра и најчесто го носат на десната рака, бидејќи при секој потег со неа тој „не сакајќи" ~ се покажува на публиката и таа останува шашната од глетката. Одминување на неделата, месецот и годината се нарекува календар. Повеќе, десетици календари заедно се нарекуваат... живот.
Знаеме ли колку е саатот во Македонија?
(Дневник) 14 февруари 2014
|
|
Views: 264
| Added by: Вељанко
|
|
|