|
(ФОТОГАЛЕРИЈА) ОД ВЕТЕРНИЦИТЕ КАЈ БОГДАНЦИ, СТРУЈА ЗА ГРАД ОД 60.000 ЖИТЕЛИ (1дел)
(ФОТОГАЛЕРИЈА) ОД ВЕТЕРНИЦИТЕ КАЈ БОГДАНЦИ, СТРУЈА ЗА ГРАД ОД 60.000 ЖИТЕЛИ Зденка Павковиќ На брдото Ранавец над Богданци се извишуваат 15 ветерници, високи по 80 метри и со перки со дијаметар од 93 метри. Останува да се монтира уште само една, со што првиот ветерен парк во Македонија, кој го градат „Електрани на Македонија" (ЕЛЕМ), ќе биде комплетиран и веќе следниот месец се очекува да почне пробно производство на чиста зелена електрична енергија.
Ова ќе биде секако најброизградениот енергетски капацитет во земјава, кој ќе има инсталирана моќност од 35 мегавати, односно колку хидроцентралата „Света Петка". Но ќе произведува за една третина повеќе струја. Ветерниот парк во кој секоја од ветерниците има моќност од 2,3 мегавати, се очекува да има годишно производство од околу 100 гигават-часови електрична енергија, доволно за годишните потреби на град со околу 60.000 жители. Во оваа инвестиција од 55,5 милиони евра, ЕЛЕМ од сопствени средства обезбеди 7,6 милиони евра, а остатокот од 47.9 милиони евра е заем од Владата на Сојузна Република Германија преку KФВ банката.
Брза монтажа
Изградбата на паркот почна во мај лани и со оглед на брзината со која се монтираат огромните ветерници, многу време беше потребно за да се направат подготвителните работи – да се изградат 12 километри пат до секоја од платформите на кои се поставени турбините, командна зграда и трафостаница и 12 километри далновод, кој ќе ја презема произведената енергија и ќе ја испорачува во системот. Производителот на опремата, „Сименс" од Данска, во декември лани во километарски конвој почна со транспорт на деловите за ветерниците, така што за помалку од два месеца целиот парк ќе биде монтиран.
Во ЕЛЕМ, чии експерти со тие од производителот на опремата работат на теренот, велат дека поставувањето оди исклучително брзо - за да се монтираат физички, се потребни само два дена. И навистина, кога завчера го посетивме ветерниот парк Богданци, се уверивме во тоа. Искачувајќи се по кривулестиот пат што води од една до друга ветерница, на местото каде што се поставуваше петнаесеттата ветерница, веќе беше поставен долниот дел од столбот, а огромниот кран висок 96 метри го подигаше и го поставуваше вториот дел од столбот. Во внатрешноста на овие грандиозни објекти, крај кои с` изгледа мало, се наѕираше глава на работник, кој веројатно даваше инструкции како новиот дел да „легне" на основата. За нецел час, додека ги обиколувавме поставените ветерници, веќе беше поставен и најгорниот дел, а огромните камиони, кои ги транспортираа перките, се искачуваа по патот. Kога и тие ќе бидат монтирани, истиот кран што служи за поставување на деловите, за само 6-7 часа ќе биде демонтиран и префрлен на последната локација, така што речиси за половина ден ќе биде подготвен за монтажа и на последната ветерница од оваа фаза од изградбата.
|
|
Views: 222
| Added by: Вељанко
|
|
|