Албанските експерти потврдиле дека 21 од вкупно 1.077 икони, артефакти, бронзени и други предмети од средниот век, запленети во октомври во Тирана, се украдени од цркви во Македонија, јавуваат тамошните медиуми.
Според нив, сега се чека официјално барање од македонска страна за нивно враќање. Вештачењето покажало дека другите икони им припаѓат на четири албански цркви.
Во акцијата, освен Ѓерѓи Тимо (52) беше уапсен и неговиот пријател Арбен Спахо(43). Kога полицијата го откри магацинот со икони и други вредни предмети, Тимо тврдеше дека е обичен колекционер. Тој потоа признал дека иконите се украдени од цркви во Албанија, а за некои рекол дека се украдени и од Македонија.
Наводно албански државјани ги краделе иконите, по што му ги продавале нему. Според Спахо, сопругата на Тимо била ликовен уметник и интервенирала на иконите менувајќи го авторот. Тимо на албански државјанин во Швајцарија му продал осум икони за по 10.000 евра. Тој во Италија, продал најмалку 40 икони.
Во декември лани петмина експерти по иконографија и вработени во МВР беа во Тирана за да ги идентификуваат иконите украдени од Македонија. (В.Т.)