|
СТЕЧАЈЦИ ОД КУМАНОВО ПРОТЕСТИРААТ ВО СКОПЈЕ
СТЕЧАЈЦИ ОД КУМАНОВО ПРОТЕСТИРААТ ВО СКОПЈЕ Стечајни работници од Куманово денеска протестираа во Скопје незадоволни што не се опфатени со Законот за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизација што неодамна беше донесен во Собранието.
Протестот започна пред зградата на Сојузот на синдикати на Македонија и преку Собранието на Република Македонија продолжи кон Владата.
Луѓето кои протестираа обвинуваат дека со законот се решава проблемот на мал број стечајни работници, а не на мнозинството.
Протестот е поддржан од Движењето за социјална правда „Ленка" и Левичарското движење „Солидарност".
Во врска со протестот, писмено реагираше Сојузот на синдикати на Македонија.
- Сојузот на синдикатите на Македонија во рамки на своите програмски цели и определби во континуитет од постоењето на проблемот на стечајните работници настојувал истиот да биде решен на начин што ќе се обезбеди заштита на оваа категорија на работници, се вели во реакцијата и се додава дека ССМ продолжува да се грижи за решавање на проблемите на различни целни групи и категории, вклучуивајќи ја и оваа категорија на работници.
Законот за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизација на претпријатија со доминантна државна сопственост беше донесен на 10 овој месец. Со него се очекува да бидат опфатени околу 3.000 стечајци кои ќе добиваат месечен надомест од околу 7.100 денари, односно 34 проценти од просечната плата исплатена за минатата година и плус здравствено осигурување. Лицата треба да имаат најмалку 25 години работен стаж, а во меѓувреме ако биле вработени, да не им е прекинат работниот однос по нивна вина или волја. (Утрински Весник) 18 февруари 2014
|
|
Views: 251
| Added by: Вељанко
|
|
|