Празнина КОЈА сјае: Македонија Thursday, 2024-12-26, 9:50 AM
Welcome Guest | RSS
Main | Православен календар | Sign Up | Login
Main Menu
Main Menu
Македонија [272]
Main Menu
Statistics
Rate my site
Total of answers: 5
Statistics
Login form
Search
Site friends
  • Create a free website
  • Online Desktop
  • Free Online Games
  • Video Tutorials
  • All HTML Tags
  • Browser Kits
  • Main » Православен календар » Македонија » Македонија

    Предизборни сослушувања во амбасади

    Предизборни сослушувања во амбасади

    Како што вели Чомски: „Ова не е прашање на компромис, туку одбрана на принципите и на темелите на слободата. Кој не знае, треба да научи дека не постои полуслобода или делумна слобода. Слободата не може да се преуредува и превреднува. Секое моделирање на слободата завршува во неслобода. Или сте или не сте слободни. Интерпретација на поимот со внесени рестрикции веќе не се категоризира како слобода ами како фашизам"

    Се узмувале деновиве амбасадорите на самонаречената меѓународна заедница, група земји што по сите вредносни критериуми на овој свет не се ништо друго освен предатори со неоколонијалистички вредносен систем, да ги изменаџираат и македонските избори по свој ќеф. Се растрчале наваму-натаму да спасат ако може нешто што е само за нив корисно, да ја одржат Македонија во сегашната лимбо-позиција: да биде полудржава, ни ваму ни таму, заглавена со рамковниот, управувана од надвор, уценувана од политичките инсталати од 2001-та, без можност да си ја планира сопствената иднина. 
    Мојата последна информација говори за тоа дека Амбасадата на САД и на овие избори ќе учествува како политички субјект. Бара од Владата да потпише предбрачен договор со ДУИ дека ќе биде вечно во коалиција, да не речам во договорен и од стројници аранжиран брак, без оглед на изборните резултати. 
    Доколку Груевски ја послуша директивата, Вашингтон ќе се согласел на предвремени парламентарни избори, што значи ќе му биде наредено на Ахмети да не таласа со најавениот бојкот!? Зошто запнал Волерс со ова глупаво плеткање во домашните работи на друга држава? Па затоа што и американските предвидувања се оти на такви избори граѓаните ќе излезат масовно и ќе гласаат референдумски, што изразено во бројки може дури и да го натфрли бројот од 64 освоени мандати. Тоа, господо, ќе значи само едно: во таков случај ќе се стесни просторот за уцени и за закани на државата Македонија, а ќе значи и намалена сила на уценувачите. Сите нивни вакви мисии во последниве седум години завршија неуспешно. Едноставно веќе не ги владеат теренот и граѓаните. Нивната пропаганда не успева како што беше случај во 2001 и 2002 година. Планот да ја обезименат државата и етапно да им го сменат идентитетот на Македонците доживеа фијаско. Не помагаат ни уцените, ни блокадите и ни заканите дека ќе нѐ држат надвор од интеграциите. Времето е друго, играчи има повеќе, силата не е само кај една земја. Не е ни чудо што сега нивните инсталати во Македонија се чувствуваат немоќно а гневно. Затоа сакаат со бомби да ја искомпензираат својата фрустрација. Да се прашуваат тие „патриоти", уште сега би се согласиле НАТО-авионите да исфрлат осиромашен ураниум врз гласачите.

    Амбасадорите на Западот, како и што очекував, почнаа предизборно да ординираат во три смени. Повикуваат личности од македонскиот јавен живот на сослушувања и брифинзи во своите амбасади. Ги интересираат неколку работи: Дали Груевски е националист? Зошто му е на Груевски силен мандат со повеќе од 60 пратеници? Зошто Македонците не ги сакале САД? И се некои такви џандарски прашања. Колку што разбрав, некои амбасадори во Македонија не се задоволни од учинокот и поведението на некои нивни деца што тие мислат дека ги одгледале низ разни „хумани" програми, за во иднина да им служат како туто и муто политичари или интелектуалци, што подразбира по потреба и „револуционери" на повик, превратници и кличковци, и ги повикуваат на сослушување. Ги третираат како „случаи", како на времето кога лично Едвард Џозеф од Меѓународната кризна група заедно со висок службеник од американската амбасада јавно го отвори „кеисот Геровски" (оти за кратко им забегал во недозволена насока) и на кое бев присутна и јас како „поротник". 

    Од сѐ што деновиве се случува а за кое актерите молчат, јас ги извлеков следниве заклучоци: Извесни амбасади се плашат од Македонците. Ги бунат нивната кроткост и нивната решителност. Ги нервира тоа што не се радикализираат, да не кажам фашизираат. Особено кон соседите што редовно ги провоцираат. Ич не ги радува ни фактот дека од избори на избори излегуваат сѐ помасовно и никако да се апатизираат. 
    Во Македонија невладиниот сектор, оној де што е финансиран од владите на империјално-колонијалистичкиот блок, а кобајаги се занимава со човековите права и слободи, нема сила, макар колку за глума, да изусти збор критика на ваквата практика амбасадите да се претвораат во иследнички канцеларии. На пример, ич го нема инаку грлатиот и храбар Гордан Калајџиев ни неговите пајташи, борци за човекови права, да писнат како што се пројавуваат редовно згрозени од информативните разговори на македонската полиција. Никој не ги прозива државата Македонија и нејзините институции, особено „диктаторот и неговиот министер за надворешни работи", па ниту партиите што не протестираат или не преземаат видливи мерки за заштита на своите сослушувани граѓани, иако Уставот го бара тоа од нив. Го нема ни омбудсманот. Не, бре брате! Сите си молчат, вклучувајќи ги и испрашуваните, пардон, исплашените за теми што се од суштинско значење. Секој со своите интереси. Едните да не им секнат хонорарите за нивните научни и новинарски трудови, оние од политиката за да не ги стават на црни листи, а активистите за да не им секне финансираниот „мрсомудски" активизам. А ајде погодете што ќе беше ако вака се однесуваа амбасадите на Кина, Русија, Иран, Турција, Индија или на некоја друга држава. На криво магаре ќе ги качевме! Од фрижидери и шпорети ќе ни излегуваа „западњациве" со изјави на згрозеност и осуда за мешањето во нашите македонски работи. Во името на слободата и западните вредности.

    Мислам дека на овие избори ќе треба јасно да им предочиме на македонските политичари и општественици од сите сфери дека ние како граѓани со право на глас, жители на оваа земја, не избираме слуги и марионети на странски колонијални сили туку претставници на суверен народ во независна држава. Оттука, сослушувања организирани во странски амбасади, прифаќање на такви разговори во таков амбиент, не се ништо друго освен соработка со странски служби. Ако говориме за политичка култура во една европска и демократска држава, да е јасно дека прифаќањето вакви непристојни средби на туѓа територија е невоспитано и понижувачко поведение на „субјекти" без самосвест. Зборот на такви не треба да ни значи ништо, ниту нивните изјави, пораки и „политики", оти тие не се автентични и во наш интерес. Со таквите ние си немаме работа, а камоли на денот на избори да им ја пренесеме сопствената суверена волја. 

    Сакам да поентирам: Дали ќе има или не предвремени избори, во колкав број ќе излеземе, за кого ќе гласаме е наше ексклузивно право, наш слободен избор, и баш нѐ боли дали САД, ЕУ, НАТО или кој било друг ќе ги одобрел или не! Разбравте? Како што вели Чомски: „Ова не е прашање на компромис, туку одбрана на принципите и на темелите на слободата. Кој не знае, треба да научи дека не постои полуслобода или делумна слобода. Слободата не може да се преуредува и превреднува. Секое моделирање на слободата завршува во неслобода. Или сте или не сте слободни. Интерпретација на поимот со внесени рестрикции веќе не се категоризира како слобода ами како фашизам". 

    А ако Груевски прифати предбрачен договор со ДУИ во замена за „дозвола" од Волерс да се одржат предвремени парламентарни избори, тогаш тој нека му ја мисли, оти сослушувањето на избирачите ќе се случи токму на денот на гласањето. 
     
      
    Автор: Mирка Велиновска
    (Нова Македонија)
    28 февруари 2014
    Rating: 0.0/0
    Views: 210 | Added by: Вељанко
    Total comments: 0
    Only registered users can add comments.
    [ Sign Up | Login ]
    Copyright Празнина која сјае © 2024