Речиси 30- илјади монети биле откриени, а на листата на Музејот во инвентарната книга до 1997 година фигурирале само 3.323 монети, додека пред 10-на години незначителни 18 монети.
Вкупно во Музејот на Македонија со инвентарни броеви биле регистрирани 3.341 монета, истакна министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Јавната обвинителка Гордана Гешковска изјави дека е запечатен и Музејот во Охрид, поради исти индиции и претрес како и Музејот на Македонија во Скопје.
По 30 дена притвор добија седумте лица кои беа уапсени вчера под сомнение дека ги украле вредните артефакти од Музејот на Македонија. Приведените се сегашни и поранешни вработени во Музејот, кои во повеќе наврати успеале да украдат 166 артефакти и предмети со непроценлива вредност, соопштија од Министерството за внатрешни работи.
На осмиот осомничен, поранешниот директор на Дирекцијата за заштита на културно наследство Паско Кузман не му е одредена мерка притвор, затоа што веќе е во куќен притвор, за случајот „Фаланга".
Тоа не значи, нагласуваат од Јавното обвинителство, дека против него нема да се води истражна постапка. И во неговиот дом вчера бил извршен претрес за случајот со кражбата во Музејот на Македонија.