Масленица е празник кога се простуваат небото и земјата, кога младите одат кај постарите и бараат да им бидат простени гревовите
Штип – Во Свети Николе и годинава, на еден посебен начин, беше прославен верскиот празник Масленица, односно руска Прочка. Организатор на настанот беa Амбасадата на Руската Федерација во Македонија, Меѓународниот славјански универзитет „Гаврило Романович Державин" и Здружението на руски сонародници во нашата држава „Чајка". Во преполнетиот амфитеатар на високообразовната институција настапија пејачко-фолклорната група „Чајка", ансамблот за руски народни песни и игри „Чајка", фолклорната група при гимназијата „Добри Даскалот" од Кавадарци, а беше прикажан и инсерт од руски игран филм посветен на Масленица.
„Масленица е празник кога се простуваат небото и земјата, кога младите одат кај постарите и бараат да им бидат простени гревовите. Празнувањето завршува со палење кукла направена од слама и од стари алишта, зашто се верува дека на тој начин ќе изгорат сите лоши работи што сме ги имале во минатото и дека за секое семејство ќе дојдат поубави, посреќни денови", рече Елена Силјаноска, раководителка на „Чајка". Силјаноска потенцира дека начинот на кој во Свети Николе се слави Масленица е, всушност, спојување на две блиски култури, традиции и обичаи.
Откако беше запалена сламената кукла во дворот на оваа институција, согласно со традицијата, сите гости беа почестени со палачинки зготвени на руски начин. (И.Б.)
(Утрински Весник)
3 март 2014