Празнина КОЈА сјае: Македонија Thursday, 2024-12-26, 9:54 AM
Welcome Guest | RSS
Main | Православен календар | Sign Up | Login
Main Menu
Main Menu
Македонија [272]
Main Menu
Statistics
Rate my site
Total of answers: 5
Statistics
Login form
Search
Site friends
  • Create a free website
  • Online Desktop
  • Free Online Games
  • Video Tutorials
  • All HTML Tags
  • Browser Kits
  • Main » Православен календар » Македонија » Македонија

    Преку технологијата да ја заштитиме кирилицата

    Преку технологијата да ја заштитиме кирилицата

    Многу е разочарувачки кога ќе видите конкурс за запишување студенти во високообразовна установа напишан со бугарски кирилски букви

    ЛАСКО ЏУРОВСКИ, ГРАФИЧКИ ДИЗАЈНЕР

    Зошто во повеќето кирилски фонтови на Интернет не се вклучени македонските букви и како може да се подобри тоа?
    - Тоа зависи од пристапот на авторите и од компаниите што ги продуцираат фонтовите. Нашиот пазар е мал, особено пазарот за фонтови. Исто така, треба да се спомне недоволната едуцираност на оние што ги употребуваат овие фонтови. Поради тоа доаѓа до недоследности што изгледаат смешно и навредливо за македонскиот јазик и писмо. Би истакнал дека е многу разочарувачки кога ќе видите конкурс за запишување студенти во високообразовна установа напишан со бугарски кирилски букви, со цела почит кон бугарската и кон сите други кирилици. Но зошто, кога ние имаме наши, уникатни македонски? Проблемот е тоа што повеќето кирилски фонтови достапни на Интернет не содржат македонски кирилски знаци, па тие проблеми мораме да ги решаваме сами. Освен тоа, факт е дека и многу светски дизајнери на фонтови не знаат да ги дизајнираат нашите кирилски букви, што е сосема логично, никогаш не ги употребувале практично за да ги почувствуваат нивните форми. Тоа неминовно води кон единственото логично решение - да креираме свои, авторски фонтови што ќе ги содржат кирилските знаци карактеристични за нашето писмо, без потценување на другите писма. Само треба да го негуваме и почитуваме своето. 

    Колку време ви беше потребно за да ја изработите најпопуларната македонска кирилица „Скола"?
    - Околу две години. „Скола" настана како резултат на мојот личен револт кон недоследното користење на македонските кирилски букви. Се обидов да најдам начин да се побунам против тоа и за лично мое, а верувам и на задоволство на почитувачите на македонската кирилица наидов на разбирање кај Министерството за информатичко општество и администрација, кое го поддржа и го реализира овој проект. Ме радува масовното користење на овој фонт на сите македонски медиуми и се надевам дека тоа барем малку придонесе да се разбуди свеста кај македонските читатели за недоследната употреба на нашата кирилица.

    Има ли во „Типокујна" македонски дизајнери што се заинтересирани да изработуваат македонски фонтови?
    - Секако дека има. „Типокујна" ги раздвижи чувствата на почитувачите на типографијата во Македонија. Ова е прва работилница од ваков вид кај нас. „Типокујна" покажа дека во Македонија постојат дизајнери што се многу заинтересирани и сосема подготвени да креираат свои фонтови, впрочем и резултатите практично го покажаа тоа: штом ги поставивме фонтовите за преземање на веб-страницата на „Криејтив ексчејнџ" (Creative Exchange) за само два дена имаше повеќе од 2.000 преземања. На „Типокујна" дваесетина македонски дизајнери, со мое менторство, изработија 12 фонта што ги содржат македонските кирилски знаци. Со тоа значително ја збогативме сиромашната македонска типографска сцена, на наше големо задоволство. 

    Помага ли технологијата да се унапреди македонската кирилица?
    - Да, апсолутно. Технологијата ни овозможува не само да ја унапредиме македонската кирилица туку и да ревитализираме многу прекрасни македонски фонтови. Што би бил јазикот без писмо, без адекватен графички приказ на она што го зборуваме? Фонтовите се културно наследство што мора да го негуваме, да го почитуваме и развиваме како нешто свето. Македонското кирилско писмо е она што го визуализира нашето културно богатство - македонскиот јазик. Со цела почит кон сите светски кирилски писма, ние во нашата азбука имаме знаци што нѐ разликуваат од сите, кои се само наши, македонски. 

    Дали во Македонија може да се живее од дизајнирање и од продавање фонтови?
    - Не, кај нас никој не ни помислува да купи фонт. Секоја чест на исклучоците, мислам дека маркетинг-агенциите ги лиценцираат фонтовите што ги користат, најверојатно поттикнати од сродните странски компании со кои соработуваат. Тоа е за почит и, според мене, треба да им стане практика на сите сериозни компании и институции. Колку што ми е познато, некои списанија и дневни весници користат лиценцирани фонтови, но нивниот број е многу мал. Сѐ уште не сум слушнал дека некој македонски весник или списание нарачале изработка на фонт што ќе биде ексклузивно изработен за нив. Во светот тоа е вообичаена практика.                                                         

     
      
    Автор: В.З.
       (Нова Македонија)
        6 март 2014
    Rating: 0.0/0
    Views: 300 | Added by: Вељанко
    Total comments: 0
    Only registered users can add comments.
    [ Sign Up | Login ]
    Copyright Празнина која сјае © 2024