Празнина КОЈА сјае: Македонија Wednesday, 2024-12-25, 9:42 AM
Welcome Guest | RSS
Main | Православен календар | Sign Up | Login
Main Menu
Main Menu
Русија [156]
Main Menu
Statistics
Rate my site
Total of answers: 5
Statistics
Login form
Search
Site friends
  • Create a free website
  • Online Desktop
  • Free Online Games
  • Video Tutorials
  • All HTML Tags
  • Browser Kits
  • Main » Православен календар » Русија » Русија

    Така говореше Владимир Путин

    Така говореше Владимир Путин

    Со аплауз беа поздравени зборовите на Путин дека првпат годинава, по 1991 година, во Русија е забележан природен прираст на бројот на населението. Овој податок за Русија е мошне охрабрувачки, бидејќи земјата подолг период се соочуваше со драстично намалување на бројот на населението со природен прираст


    Дури ни завчерашното решение на руската влада од својот фонд за социјална заштита да ѝ префрли вредносни хартии на Украина во износ од 15 милијарди долари, за спас од банкрот на нејзината економија, не може да го фрли во сенка обраќањето на претседателот на РФ, Владимир Путин, на Денот на рускиот устав, 12 декември, пред Федералното собрание на РФ, кое го формираат депутатите на Државната Дума (Долниот дом) и претставниците на регионите, Советот на Федерацијата (Горниот дом), највисоките органи на руската законодавна власт. По традиција овој настан, кој годинава ја бележи својата 20-годишнина, продолжува да предизвикува особено внимание кај домашната јавност, но и кај странските политички набљудувачи, вклучувајќи ги и претставниците на дипломатскиот кор во Москва. Одѕивот, оцените и коментарите на упатените пораки од рускиот лидер од Кремљ пред крајот на една измината и на влегувањето во новата година редовно служат за разни политички анализи и процени за остварувањата, но и за одредувањето на реперите и плановите на руската внатрешна, особено на нејзината надворешна политика и воена стратегија во иднина.

    Годинава тој интерес беше особено нагласен поради низата настани во последно време во и околу ситуацијата во Украина, во кои Руската Федерација и нејзиното државно-политичко раководство играа значајна улога во нивното решавање, како во случајот со штотуку дадената финансиска помош за спас на својот прв сосед и партнер. Исто така, во текот на целата 2013 година односот на Запад и САД спрема големиот соперник од Исток доживуваше одредени промени и осцилации, поради притисокот од можноста за проширување на НАТО и на ЕУ сѐ поблиску до границите на РФ и на очекувањата на првичните резултати од „камбекот" на Владимир Путин по првата година од неговиот трет претседателски мандат.
    Се чини дека интересот на избраните руски претставници и присутните странски посматрачи во Кремљ, Владимир Путин со своето релативно кратко обраќање, кое траеше околу 70 минути, наполно го удоволи, бидејќи ревносните проследувачи на настанот евидентирале дури 34 прекини на неговото пледоаје со еднодушни и, како што велат, громогласни аплаузи. (За споредба, минатата година по истиот овој повод такви прекини со аплаузи имало 12).

    Интересно е дека Путин во своето обраќање годинава на меѓународните проблеми и прашања им посвети само нешто повеќе од 10 минути, кои беа доволни да ги маркираат и заокружат контурите на руската меѓународна политика во наредниот период. Преостанатото време од своето излагање рускиот претседател им го посвети на внатрешните општествени, економски, финансиски, социјални, образовни, демографски и други задачи на руската законодавна и извршна власт, но и на руските граѓани, при што акцентот беше ставен врз потребата од обезбедување единство во руската држава и „заштитата на нејзините традиционални конзервативни вредности и зацврстување на улогата на семејството во општеството". Со аплауз беа поздравени зборовите на Путин дека првпат годинава, по 1991 година, во Русија е забележан природен прираст на бројот на населението. Овој податок за Русија е мошне охрабрувачки, бидејќи земјата подолг период се соочуваше со драстично намалување на бројот на населението со природен прираст (таканаречената бела чума), а се зголемуваше главно со механички прилив на иселеници и доселеници од кавкаскиот и заткавкаскиот регион, што отвораше сериозни меѓуетнички проблеми во државата. Исто така, на одобрување наидоа и најавените мерки за борба против избегнувањето плаќање данок на руските фирми во офшор-зоните, но и најавеното намалување на давачките кон државата на фирмите што се занимаваат со ситен бизнис во земјата. 

    Зборувајќи за зачестените меѓуетнички конфликти и проблеми во Руската Федерација, претседателот Путин истакна: „Меѓуетничката напрегнатост во Русија не ја провоцираат претставници на некакви народи, туку поединци-луѓе со недостиг од основна култура и на почитување на традициите, како своите така и туѓите. Таа своевидна аморална интернационала, во која влегуваат распојасани и аздисани дојденци од јужните региони, корумпирани соработници на безбедносните органи што ја заштитуваат таа етничка мафија и таканаречените руски националисти, самонаречени сепаратисти, се подготвени секоја трагедија во земјата да ја направат повод за вандализам и крвава пресметка". Тој исто така се заложи да се забрза и скрати процедурата за одобрување руско државјанство на граѓани со руско потекло и на нивните потомци што живеат во странство. Путин на крајот од овој дел на своето обраќање препорача примена на низа иницијативи и мерки за сузбивање на корупцијата во државата. (По повод 20-годишниот јубилеј на рускиот устав, тој претходно објави аболиција на 25 илјади осудени лица, или граѓани против кои се води судска постапка за дела за кои не е предвидена казна повисока од пет години лишување од слобода).
    Делот од обраќањето на Владимир Владимирович посветен на меѓународните прашања и проблеми тој го почна со изразувањето цврста увереност дека: „Во современиот свет се зголемува историската одговорност на Русија, што не значи дека таа претендира на некаква светска или регионална хегемонија. 
    Ние никому не му го наложуваме нашето покровителство и немаме намера никого да учиме како да живее", подвлече Путин. Во продолжение тој истакна: „Русија ќе настојува да биде лидер, заштитувајќи го меѓународното право, со должната почит на нејзиниот национален суверенитет и самостојност. Тоа е наполно разбирливо за Русија со нејзините големи историја и култура, долговековното искуство, не само со некаква празна толерантност, туку со вистински заеднички живот на многуте народи во единствената држава". (На територијата на РФ живеат претставници на околу 160 народности, н.з.).

    Зборувајќи за воено-безбедносните аспекти на руската надворешна политика, рускиот претседател во своето обраќање рече: „Русија располага со потенцијал да одговори на секакви воени предизвици од страна. Никој не треба да има илузии за некакви можности за остварување воена превласт над Русија. Ние никогаш и никому нема да му го дозволиме тоа", самоуверено констатира Путин. „Руската Федерација располага со сиот неопходен политички и технолошки потенцијал да одговори на евентуални такви предизвици", заклучи тој. (Само два дена пред јавното обраќање Путин изјави дека воениот буџет на РФ во 2014 година ќе се зголеми најмалку за 10 проценти.) Во тој контекст, Владимир Путин изрази загриженост поради разработката и производството на нови системи за вооружување во светот. Во врска со проектот ПРО на САД и НАТО во Средна Европа, Путин изрази сомневање дека тој е само „одбранбен". „Тоа е само еден дел од стратегиското експонирање на воените потенцијали, што не може да не ја предизвика нашата загриженост. Внимателно го следиме развојот на таквата концепција и во секое време сме подготвени итно да реагираме на евентуален глобален воен удар. Инсталирањето на системот ПРО може лесно да ги анулира сите досега постигнати договори во областа на ограничувањето на стратегиското нуклеарно вооружување. Во таков случај ние многу добро знаеме што треба да правиме", заклучи рускиот претседател. (Најновите информации зборуваат дека РФ на своите западни граници кон Европа веќе разместила дел од арсеналот на ракетите од среден дострел „искандер".)

    Претседателот на РФ својата порака ја насочи и кон односите и соработката на неговата земја со земјите од ЗНД и Царинската унија, но и во врска со ситуацијата во Украина, за која рече дека нејзиното решавање и определба се исклучиво во рацете на украинскиот народ и неговото раководство, за што впрочем потврда се и најновите случувања (кои дополнително ќе долеат масло на и онака крајно вжештената ситуација во оваа земја). Од другите актуелни меѓународни прашања, Путин ги апострофира уште проблемите со кризата во Сирија и решавањето на иранските нуклеарни проблеми на разговорите во Женева, за кои подвлече дека за овие сериозни меѓународни прашања, руските ставови се мошне добро познати. Во настапот на рускиот претседател годинава во Кремљ цело време провејуваше увереноста дека сите поставени задачи ќе бидат исполнети и земјата како голема сила ќе си ги заземе местото и улогата на меѓународната политичка сцена што по природата на нештата ѝ припаѓаат.

    (Авторот е поранешен македонски дипломат)
     
      
    Автор: Драган Јањатов

      (Нова Македонија)
       19 декември 2013
    Rating: 0.0/0
    Views: 253 | Added by: Вељанко
    Total comments: 0
    Only registered users can add comments.
    [ Sign Up | Login ]
    Copyright Празнина која сјае © 2024