Русија повторно доминира на просторот од Брест до Владивосток. Настаните во Украина се само најнова потврда на статусот суперсила на Русија.
Пред 23 години се распадна Советскиот Сојуз, империјата која Русија три века ја ширела и зацврстувала. Границите на Русија беа драстично прекроени. Овој шок беше уште поголем за психологијата на луѓето, и пет години по распадот на СССР, Русија сеуште била во потрага по својот идентитет, несигурна во својата улога во светот. Добар дел од јавноста жалел за Советскиот сојуз, руската армија ги напуштала базите на поранешните советски републики, поранешните држави на Варшавскиот пакт, од кои руските трупи си отишле, својот нов политички, економски, па дури и национален идентитет го барале токму во изразените антируски ставови. Рускиот банкарски и финансиски сектор бил во феудална доба, високата технологија одвај присутна, а животниот стандард на населението заблежително опаднал. Американците сето тоа време давале изјави „дека никогаш веќе нема да дозволат Русија да стане моќна како поранешниот Советски Сојуз".
Но, и тогаш и власта и опозицијата на Русија не дозволиле слабоста на земјата да ја замаглат визијата на големата иднина. Дури и Борис Јелцин во својата книга „Борба за Русија" напишал: „Статусот на голема сила нас ни е предаден како наследен, како темел не само на нашата свест и култура, туку и како кодекс на самата државна структура на Русија". Може да се рече дека 2013 и дефинитивно го потврди тој статус, Русија денес е повторно силна и доживува експанзија: економска, политичка, па и воена.
Некогашните републики на Советскиот Сојуз повторно доаѓаат во „скут" на мајка Русија, уморни од неволјите кои им ги донела самостојната изградба на економијата, главно разочарани во неисполенитете ветувања на капитализмот. Фестивалот на суверенитетот на поранешните советски републики е завршен, повеќето луѓе во тие нови држави гледаат дека не живаат нешто подобро отколу во СССР, а Русија може економски да им помогне, Украина е најдобар пример: дали ЕУ има 15 милијарди долари за помош на економијата на Украина? Нема, или не сака да помогне. Русија има. Завршена приказна, во која сите останати објаснувања се залудни.
Суштината на односот на Русија и поранешните републики на СССР, освен прибалтичките држави е повеќевековното влијание на Москва над тие земји. Бидејќи, руската империја, која својата кулминација ја достигна непосредно пред Првата светска војна, значително се разликува од британската или француската империја. Всушност, малобројни се освојувањата на руската империјална војска кои носеле огромен плен, наместо тоа тие ги задоволувале воените и стратешки потреби на Москва, за разлика од европскиот империјален модел.
Денес битката меѓу Западот и Русија на просторите на поранешниот СССР, не е само битка за ресурси, туку, пред се, битка за нови пазари. Западот се обидува да ги приграби тие пазари и да ја спречи интеграцијата на тие држави со Русија. Западот сака позицијата на Русија во светот да ја сведе на улога на регионална сила. Фактот дека Русија и денес има своја војска во Туркменистан и Таџикистан, Црноморска флота во Украина, ракетни и воздухопловни сили во Белорусија, мировни трупи во Ерменија. Сето тоа се корисни елементи на моќта, пропратени со засилена економија на просперитетната Русија за се повеќе да биде магнет за соседните економии. Во Москва тоа убаво го формулираат: „Ние сме подготвени за воспоставување онолку добри односи колку што се тие подготвени". Можете тоа да го наречете нова руска империја по точно 100 години, или руска верзија на НАФТА договорот, тоа е едноставно само прашање на етикета…
(Денешен Весник)
23 декември 2013