Празнина КОЈА сјае: Македонија Wednesday, 2024-12-25, 10:21 AM
Welcome Guest | RSS
Main | Православен календар | Sign Up | Login
Main Menu
Main Menu
Русија [156]
Main Menu
Statistics
Rate my site
Total of answers: 5
Statistics
Login form
Search
Site friends
  • Create a free website
  • Online Desktop
  • Free Online Games
  • Video Tutorials
  • All HTML Tags
  • Browser Kits
  • Main » Православен календар » Русија » Русија

    Русија го зајакнува блискоисточното влијание

    Русија го зајакнува блискоисточното влијание

    Зад сцената Москва игра уште позначајна улога и станува сѐ посамоуверен играч низ поголемиот дел од Блискиот Исток. Станува збор за тренд што Западот не смее да го игнорира


    Благодарение на ангажманот на Путин, Асад избегна американска воена интервенција

    Кремљ засилено работи на утврдување на позициите во арапскиот свет

    Рускиот претседател Владимир Путин во 2013 година ја оствари својата најголема цел - ја позиционира Русија како неизбежен фактор за решавање на клучните меѓународни проблеми. Неговиот успех е највпечатлив во однос на сирискиот конфликт и преговорите за иранската нуклеарна програма. Под лидерство на Москва, сириското хемиско оружје е ставено под меѓународна контрола, а договорот помогна во избегнување на воените напади врз сирискиот режим. Во меѓувреме, Русија се појави како важен глас во групата П5+1, овозможувајќи му на Иран да избегне построги санкции поради нуклеарната програма, сѐ додека не беше постигнат привремениот договор во декември 2013 година. Но зад сцената Русија игра уште позначајна улога и станува сѐ посамоуверен играч низ поголемиот дел од Блискиот Исток. Станува збор за тренд што Западот не смее да го игнорира, оценува Си-ен-ен. 

    Москва минатиот месец со Египет склучи договор за продажба на руско оружје, вреден две милијарди долари, кој претставува кулминација на тивките напори на Кремљ за заживување на руските односи во регионот, карактеристични за Студената војна. Руските претставници не ги кријат намерите на Москва, за враќање на регионот. 

    -Русија се враќа назад на многу региони што ги загуби во 1990-тите. Мислам на африканскиот континент и на Блискиот Исток. Русија беше доста експлицитна за своите интереси во овие региони уште пред Арапската пролет - изјави неодамна Михаил Маргелов, претседател на рускиот комитет за надворешни работи. 

    Оружјето и нафтата главен интерес на Москва

    Руското влијание во регионот има повеќе аспекти. Русија, на пример, стана сѐ понаметлива во блискоисточниот мировен процес, откако пред повеќе од десет години му се приклучи на квартетот. И наместо само да ги поддржува ставовите на САД или на ЕУ, Кремљ сакаше да остави своја трага на агендата. Па така, Путин во 2006 година ги покани лидерите на Хамас во Москва. Во јуни 2012 година тој отпатува во Израел, и тоа девет месеци пред Барак Обама да ја оствари првата посета на земјата како американски претседател. 

    -Постигнување мир и благосостојба на Блискиот Исток е национален интерес на Русија - порача Путин по средбата со израелскиот колега Шимон Перез. 

    Во однос на Ирак, Русија уште од 2003 година работи на враќање на зделките за нафта што ги загуби по американската инвазија, а оттогаш „Лукоил" склучи повеќе договори за нафта. Москва и Багдад во 2012 година потпишаа договор за продажба на оружје во вредност од 4 милијарди долари, што претставува најголема поединечна зделка за оружје во текот на владеењето на Путин, а Ирак трет најголем купувач на руско оружје. 

    Идеолошка растовареност на Москва

    Што се крие зад овие чекори? Според Си-ен-ен, не смее да се заборави дека руските лидери не се оптоварени од идеологија. Кремљ одржуваше врски со Муслиманското братство, и покрај тоа што групата уште од 2003 година се наоѓа на руската листа на терористички организации. Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров во ноември 2012 година прво го посети Египет, контролиран од братството, во рамките на блискоисточната турнеја. Кога египетската армија го собори од власт претседателот Мухамед Морси во јули 2013 година, Путин изгледаше дека е подготвен да соработува со воената власт. И покрај тоа што Кремљ одржува блиски врски со владата на Ал-Малиќи во Багдад, руските претставници се обидуваат да соработуваат и со ирачки Курдистан. 

    Во изминатиот период исто така многу се засили руското дипломатско и комерцијално присуство во Советот за соработка во Заливот (ГЦЦ). Во 2007 година Путин беше првиот руски или советски претседател што воопшто го посетил Заливот. Соработката продолжи да зајакнува и кулминираше со стратегискиот дијалог меѓу ГЦЦ и Русија во ноември 2011 година, кој се фокусира на најразлични прашања - од безбедноста и трговијата до културната размена. Покрај тоа, руската влада работи на подобрување на својот имиџ, преку сопствени сателитски станици и медиуми на арапски јазик. Таков е примерот со „Русија Ал-Јаум", верзија на „Русија денес" на арапски јазик. И додека Путин ја ограничува слободата на медиумите во Русија, тој одби да го скрати буџетот за „Русија денес", а медиумот неуморно работи на ширење на ставовите на Кремљ пред повеќе милионската публика. 

    Во анализата на Си-ен-ен се наведува дека Русија се соочува со многу внатрешни пречки (демографски, економски и корупциски) за да биде вистински глобален лидер. Сепак, додека САД се фокусираат кон дома и ја разгледуваат својата глобална позиција, Русија изгледа се обидува да профитира од повлекувањето на Западот. Интересен е и фактот што покажува дека повозрасните арапски претставници, кои пораснаа водејќи бизнис со Советскиот Сојуз, често се чувствуваат поудобно да соработуваат со нивните руски колеги отколку со САД. Покрај тоа, сѐ повеќе арапски земји ја сметаат Русија за поверодостоен и постабилен партнер отколку Западот воопшто. На пример, Египет наводно се одлучи да купи руско оружје откако САД го одбија барањето по соборувањето на Морси. Можеби поединечно ова не се значителни загуби за Западот, но моментот е многу важен, бидејќи сите овие мали загуби само се додаваат на поголемите. 

    Американското повлекување од Блискиот Исток е штетно за кредибилитетот на САД со традиционалните сојузници и може сериозно да им наштети на долгорочните американски интереси. Путин не е уникатен во искористувањето на шансите да ги зајакне своите интереси додека овие можности се појавуваат пред него. Но Вашингтон сигурно може да стори повеќе за да го намали бројот на таквите шанси што му ги нуди на рускиот претседател. 

       (Нова Македонија)

        11 јануари 2013

    Rating: 0.0/0
    Views: 182 | Added by: Вељанко
    Total comments: 0
    Only registered users can add comments.
    [ Sign Up | Login ]
    Copyright Празнина која сјае © 2024