Заложничка драма во Москва
Припадници на специјалната полиција успеале да го неутрализираат напаѓачот, кој вооружен со пушка влегол во училишната зграда. Се претпоставува дека причина за инцидентот е нетрпеливоста помеѓу ученикот и убиениот наставник, кој предавал географија.
Полицијата го идентификувала напаѓачот како Сергеј Гордеев, ученик во средното училиште, кој бил во конфликт со наставникот Андреја Кирилов. Според очевидците на инцидентот, Гордеев заканувајќи се дека ќе стрела со пушката, го поминал училишното обезбедување и се упатил кон кабинетот по географија. РИА новости пренесува дека ученикот штом влегол во кабинетот на Кирилов, веднаш го застрелал професорот, прво во пределот на стомакот, а потоа и во главата. Припадник на училишното обезбедување успеал во меѓувреме да ја повика полицијата, меѓутоа кога пристигнала специјалната полиција, Гордеев почнал да стрела кон нив. Во престрелката бил убиен еден полицаец, а уште еден е ранет.
Напаѓачот кратко време како заложници држел 29 ученици, на возраст од 15 години, но потоа повеќето ги ослободил. Според Русија денес, Гордејев бил одличен ученик, кој годинава требал да го заврши средното училиште со највисоки оценки, но се претпоставува дека на тој пат му застанал професорот по географија, кој не сакал да му даде најдобра оценка.
Полицијата ги испрашува преостанатите ученици, на кои им биле одземени телефоните бидејќи почнале на Интернет масовно да објавуваат информации и фотографии. Според руските медиуми, Гордејев ќе биде обвинет за убиство, киднапирање и загрозување на животот на полицајците, а само за последното кривично дело може да добие затворска казна во траење од 12 до 20 години.
(Нова Македонија)
4 февруари 2014