Како што јавува репортерот на Би-би-си, човек на возраст од околу 50 години настрадал во стампедо кога група Татари нападнала група Руси.
Агенцијата РИА Новости претходно јави дека во тепачката имало неколку повредени, со раскрвавени лица. Според лекарските извори, во судирите била повредени најмалку 20 лица.
Демонстрантите меѓусебно се гаѓале со камења и шишиња, а дошло и до директни судири со тупаници, иако полицијата и лидерите од двете страни се обидувале да ги раздвојат демонстрантите.
http://youtu.be/NlLaqbZrj7A
Од Киев било соопштено дека Украинската служба за безбедност (СБУ) од денес редовно ќе ги информира Русија, Обединетите нации и САД за ситуацијата на Крим.
По објавувањето дека руската армија на западот на земјата од денес е во состојба на готовност и изјавата на рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу дека „се преземаат мерки" околу состојбата на Крим, во јавноста сѐ повеќе се шпекулира дека руските специјални единици веќе биле испратени на полуостровот.
Како што пишува најтиражниот руски дневник Московскиј комсомолец, една специјална бригада од Тољати добила задача да обезбедува стратешки важен објект на Крим, како и дека се подготвува уште една десантна бригада од Уљановск.
Весникот заклучува, повикувајќи се на изјави на експерти, дека воено мешање на Русија на Крим е „малку веројатно доколку не бидат загрозени животите на руски државјани".
Во меѓувреме канадската влада предупредила дека ќе ѝ воведе санкции на Русија во случај на воена инвазија на Украина, а се огласил рускиот амбасадор во Отава, Георгиј Мамедов, кој ваквите тврдења ги нарекол бесмислени.
„Тоа е многу едноставно: Ние не сме НАТО, тоа не е Либија, нема да видите руски трупи на територијата на Украина. Секој кој шири гласини за руска воена интервенција ги потценува менталните способности на канадската јавност", изјавил Мамедов.
Со формирањето на СССР во 1922 година Крим бил автономна република во составот на Руската Социјалистичка Федеративна Република (РСФСР), а на 19 февруари 1954 година Кримската област на иницијатива на генералниот секретар на Комунистичката партија Никита Хрушчов ѝ била предадена на Украинската Советска Социјалистичка Република.
Од околу 2 милиони жители на Крим, мнозинството од околу 60 отсто го сочинуваат Руси.
(МКД)
26 февруари 2014