Путин кажал дека во моментов нема потреба да се испраќа војска во Украина, но дека таквата можност останува. Притоа додал дека Русија „нормално дека ќе му помогне на Крим".
Тој кажал дека во Украина се случил преврат, неуставно и оружено преземање на власта. Путин додал и дека Виктор Јанукович никогаш не издал наредба да се пука во демонстрантите.
Путин кажал дека Јанукович нема власт, но дека е сѐ уште легитимен претседател. Тој кажал дека парламентот е легален, но дека не се легални одлуките за прогласување на новиот премиер, Арсениј Јацењук, па со самото тоа и владата не е легитимна.
Путин истакнал дека ги разбира барањата на демонстрантите од Мајдан, бидејќи со години корумпирани политичари ги менувале покорумпирани. Тој порачал дека Украинците мораат самите да решаваат за својата судбина, но во согласност со уставот.
Рускиот претседател го критикувал Западот, кажувајќи дека немаат право потезите на Русија да ги прогласуваат за нелегитимни: „Погледнете ги американските операции во Авганистан, Либија, Ирак... Нашите потези се легитимни бидејќи нас легитимниот претседател на Украина нѐ замоли за помош. Во наш интерес е да ги одбраниме тие луѓе. Ова е хуманитарна мисија, ние не поробуваме никого", кажал Путин.
„Неонацисти и антисемити во моментов дивеат во Украина, особено во Киев", истакнал тој.
http://www.youtube.com/watch?v=raHFAlaOjRc&feature=share
(МКД)
4 март 2014