ЛИКВИДИРАН ДОКУ УМАРОВ
Озлогласениот кавкаски терорист и неговата банда се „неутрализирани“
Тајната служба на Русија потврди дека озлогласениот терорист Доку Умаров бил елиминиран во првиот квартал на 2014 година. Десетици терористи завршиле со смрт во Северен Кавказ, а стотици милитанти и нивните приврзаници биле притворени.
Шефот на Федералната служба за безбедност на Русија (ФСБ), Александар Бортников објави дека лидерот на терористичката организација на Кавкаскиот емират, Доку Умаров бил „неутрализиран“ како резултат на „борбена операција“.
Лидерот на чеченските терористи, Доку Умаров беше на листата на барани луѓе на Русија, САД и Советот за безбедност на ОН за организирање на повеќе терористички акти, киднапирање, договорени убиства и други тешки злосторства во Руската Федерација.
Меѓу другите злосторства, Умаров презеде одговорност за организирање на експлозијата во патничкиот воз „Невски експрес“ во 2009 година, во која загинаа 28 луѓе, и два терористички напада со бомбаши-самоубијци во метрото во Москва истата година, кога загинаа 40 луѓе. Умаров, исто така, се смета за одговорен за експлозијата со бомбаш-самоубиец на аеродромот „Домодедово“ во 2011 година, при што загинаа 35 луѓе. Целосната листа на злосторства на Умаров е многу подолга.
(Утрински Весник)
8 април 2014