Музика, танци и автентично пеење
Групата „Љубојна" во петок во Универзална сала ќе одржи концерт најавен како брас-сензација
Брас сензација со автентична музика е најавата за концертот на групата „Љубојна", кој ќе се одржи во петок во Универзалната сала во 20 часот. „Љубојна" и овој пат на љубителите на музиката ќе им подарат песни од егејскиот крај на Македонија, песни кои ги нарекуваат љубовна антологија, односно проект што овој т.н. етно-состав започна да го работи пред неколку години. Од него произлегоа и две изданија под наслов „Брас фантази", едното за македонски пазар и второто, кое излезе деновиве, за Турција, односно за издавачката куќа од Истанбул - „Етерна".
Пејачката Вера Милошевска и контрабасистот и композиторот Оливер Јосифовски кои ја чинат „Љубојна", на вчерашната прес-конференција најавија дека концертот ќе претставува час и пол часовно шоу, преполно со музика, танци и автентично пеење. Нивната мисија е да ја поведат публиката низ егејските предели и средоземјето на леандрите, портокаловите градини и свилената буба, застанувајќи за момент во Лерин, Костур, Воден, Меглен, Кукуш...
Милошевска и овој пат ќе настапи заедно со женската пејачка група од КУД Илинден Битола, а диригент на бендот, овој пат во брас манир, ќе биде Оливер Јосифивски. Како солист на труба ќе настапи виртуозот Џамбо Агушев.
„Ќе имаме брас сензација на најубавиот датум, петок 13-ти, воедно кога е и роденденот на Оливер Јосифовски. Публиката ќе има можност да види брас секција во форма каква што досега не е поставена кај нас, изведена врз база на вокал. Ме радува што на сцената ќе има многу луѓе", рече Милошевска.
Промоторот на „Љубојна", музичкиот новинар Љупчо Јолевски, истакна дека оваа група е спој на радост, срцевина и случевина и дека е повеќе од добра вест што албумот е издаден за огромен пазар каков што е Турција во моментов. За брас оркестарот, пак, рече дека иако звучи како да е од Њу Орлеанс, тој е сепак, на наша голема радост, од Македонија.
Јосифовски изјави дека се среќни што издаваат за Турција, дека веќе постои голем интерес за нивниот албум во една друга културна средина, а најави и дека се во преговори да одржат неколку концерти во Истанбул. (Т.И.)
Извор: "Утрински Весник" |
|