Вие и Вашиот сопруг сте во Македонија речиси четири години. Каков впечаток добивте за неа? Дали се чувствувате добро во Македонија?

Според руските мерки Македонија е мала земја, на нејзината територија се наоѓа огромен број прекрасни природни убавини, историски споменици и објекти од културното наследство. Тука се тесно преплетени античките, византиските, православните и муслиманските традиции, што на Македонија ѝ дава апсолутно неповторлив облик. А, главното богатство на Македонија, бездруго, се нејзините прекрасни луѓе: отворени, гостопримливи, луѓе што му се радуваат на животот. Знаете, кога се враќаме од некое патување во некоја друга земја и ја минуваме македонската граница, чувствувам некакво олеснување, како да сум се вратила дома. Ми се чини дека нашите народи се многу блиски по духот!

Вие сте стара московјанка. Поголем дел од својот живот го имате минато во еден од најголемите мегаполиси на планетава, град во кој се наоѓаат огромен број културни објекти и историски споменици од светско значење, град што живее исполнет живот и што „никогаш не спие“. Дали понекогаш ви е здодевно во Скопје? 

"Нашите народи имаат заеднички историски и духовни корени и меѓусебно прекрасно се разбираат, но лично за мене ова е прашање на човечката и на професионалната етика: со Македонците се обидувам да зборувам на ист јазик не само во преносна туку и во вистинска смисла на зборот".

Здодевно? Никогаш! И треба ли да ги споредуваме овие два града? Навистина целата престолнина на Македонија може да се смести во еден московски округ, но убавината на Скопје е во неговата многустраност: тука, како и во цела Македонија, хармонично живеат, едни покрај други, антички ископини, крепости од времето на Османската Империја, древни цркви и манастири, современи музеи и театри. Многу е богат и културниот живот во вашата земја – тука се Охридскиот фестивал и Струшките вечери на поезијата, прекрасните концерти на Македонската филхармонија и на фолклорните ансамбли, а Македонската опера и балет се високопрофесионален колектив, чии премиери со задоволство ги посетувам. Всушност, Македонците се творечки и многу талентирани луѓе.

Вие сте лингвист по образование, знаете англиски и шпански јазик. Вие сте една од малкуте дами од дипломатскиот кор што зборува македонски. Тежок ли ви е македонскиот јазик?

Претходно никогаш не сум учела некој друг словенски јазик. Ми се чини дека македонскиот не е толку близок до современиот руски јазик, туку до нашиот заеднички, до старословенскиот. Тоа ми помага многу подобро да го сфатам потеклото, а тоа значи, и вистинското значење на многу руски зборови. Нашите народи имаат заеднички историски и духовни корени и меѓусебно прекрасно се разбираат, но лично за мене ова е прашање на човечката и на професионалната етика: со Македонците се обидувам да зборувам на ист јазик не само во преносна туку и во вистинска смисла на зборот. А, македонскиот јазик е мил! Постојано ме восхитува, а тоа можат да го потврдат нашите многубројни македонски пријатели.

Фотографија од лична архива

Вие, како сопруга на амбасадор на една голема држава, имате многу обврски, но жената си останува жена: имате ли преземено нешто од македонската кујна, користите ли некакви традиционални македонски рецепти?

Не познавам ниту еден странец што би можел да се воздржи пред ајварот, пред сирењето и пред прекрасните македонски вина. Во Македонија има прекрасни земјоделски производи, а националната кујна привлекува со својата природност. И сега на нашата трпеза прекрасно се усогласуваат руските и македонските јадења и зимниците...

Според мене, главниот проблем на сите гости во Македонија е како да пробаш сè, а да не се поправиш: тука сè е толку многу вкусно...

Вие сте верник, православен човек. Што чувствувате кога одите на служба во нашите храмови?

Чувствувам дека се наоѓам во заедничко православно место. Згора на тоа во многу македонски храмови службите се водат на црковнословенски јазик како во Русија. 

За мене престојот во Македонија претставува и единствена можност да се приближам кон нашите православни корени, кои ги олицетворуваат општочовечките вредности. Многу сакам кога се наоѓам во малечките, „нетуристички“ цркви и манастири, каде што можам да ја допрам живата историја. Еве ви и еден пример: во манастирот Свети Никита на Скопска Црна Гора еден жител од соседното село, покажувајќи кон друг манастир што се наоѓа во близина, сосема сериозно ми рече „А, оној манастир е нов. Од шеснаесеттиот век“. Ме сфаќате? За обичен Македонец манастир што е стар 500 години е нов! Зарем е можно човек да не се гордее со таква историја? 

Православието со векови ги поврзува нашите народи. Многу словенски просветители што го ширеле Словото Божјо во Русија биле родум од овие места, а од поновата историја може да се сетиме на Светителот Јован Шангајски, кој е роден во Русија и кој бил во Македонија во дваесеттите години од минатиот век, како и руските монаси што се наоѓале на изворите на преродбата на македонското монаштво во тие години. 

Мене сега ми е многу пријатно што на службите во вашите цркви гледам многу млади, семејства со деца, па дури и со малечки. Тоа значи дека врската на времето и поколенијата останува непоколеблива!

Имате две деца, ќерка и син. Тие се веќе возрасни, живеат во Русија. Според вас, постојат ли совпаѓања во аспирациите на младите луѓе во Македонија и во Русија?

Најлудата ноќ во Русија и во Македонија
Новата година е еден од омилените празници и во Русија и во Македонија. И возрасните и малите деца со душа ја чекаат новогодишната ноќ, за која најчесто се вели дека е највеселата во годината. Многу нешта се поврзани со овој празник: луѓето се во очекување на нови и убави нешта, на повеќе среќа, на благодат, здравје и радост. „Руска реч“ ви раскажува за тоа како се прославувала и како се прославува Новата година во Русија и во Македонија. 

Се обидовме на нашите деца да им го влееме чувството за одговорност: пред својата татковина, пред своите предци; почит кон семејните и кон општочовечките вредности. Кога станува збор за аспирациите на младите во нашите земји, тука не постојат значајни разлики. И во Русија и во Македонија младите луѓе се стремат со својата енергија да го превртат целиот свет, да најдат нов животен пат. Кај младите Македонци, пак, многу ми се допаѓа тоа што ги почитуваат возрасните, тоа што тие ја знаат илјадагодишната историја на својата земја и се гордеат со издржливоста и со хероизмот на македонскиот народ.

Во тек се новогодишните и божиќни празници, празници што се слават масовно во нашите земји. Како се слават тие во Русија и што би сакале да им порачате на нашите читатели за празниците?

Во Русија Нова година и Божиќ се семејни празници (всушност, Македонија е првата земја каде што не треба да објаснувам што е тоа Стара Нова година, тука за неа знаат исто како и кај нас). Русите и дома и во странство Новата година ја слават и по московско и по локално време. Се собираме на празничната трпеза, на која задолжително има руска салата и шампањско. Кога кремљовскиот часовник (часовникот на Спаската кула на Кремљ) ќе чукне 12 пати, сите замислуваат желба и си честитаат еден на друг. Како и на своите блиски и на своите пријатели, би сакала на читателите на „Руска реч“ и на сите граѓани на Македонија да им посакам здравје, бериќет, радост и мирно небо над главата! Среќна Нова година и честит Божиќ!

Извор: “Руска реч на македонски“