Со монашките молитви може да се врати животот во Мариово
Интервју со отец Никола, монах од мариовскиот манастир „Свети Никола“
Архимандритот Никола е игумен на древниот манастир „Свети Никола“, кој се наоѓа на само половина час оддалеченост од Прилеп, длабоко во опустошеното Мариово. Иако е скриен во еден брег од травертински карпи, познат е по тоа што од него се протега широк поглед на Црна Река и на најголемиот кањон во земјава. Далечината од светот и од општествениот живот отсекогаш биле основен предуслов за изградба на манастирите и за организирање на монаштвото, а Мариово во секоја смисла се смета за македонска пустиносфера, односно за најненаселен регион во Европа, во кој има едвај педесетина постојани жители. Но последните години, како што вели отец Никола, со божја помош и со несебичната поддршка на голем број христијани, во Мариово почна да грее едно ново духовно огниште.
Токму тоа и беше главната причина поради која пред божиќните празници одлучивме да поразговараме со отецот. Вели дека монахот расте и зрее таму каде што има услови за молитва и постојана заедница со Бога во срцето.
- Во манастирот секоја година што доаѓа, со голема посветеност и љубов се уредува ново катче, се става нов почеток, се организира манастирската економија, со поусрдна грижа се устројува богослужбениот живот, нови двајца монаси се придружија кон братството, голем број нови личности станаа наше духовно семејство - објаснува отец Никола.
Со оглед на тоа дека манастирот се наоѓа во Мариово, кое е познато по тоа што нема жители, која е вашата мисија како монах? Дали сметате дека монасите можат да ги вратат жителите, не само за време на празниците?
- Мисијата на секој монах е да се покае, да се преуми, да стане таков каков што Бог сака да биде. Монахот едноставно е - послушно чедо на црквата. Монахот на специфичен начин учествува во суштинското послание на црквата, а тоа е спасението на човекот и светот. Не сум голем оптимист за некакво масовно враќање на животот во Мариово, но којзнае!? Ќе покаже времето. Треба да се има силен и правилен мотив за да се живее тука во радост, а не од немајкаде, не од некоја себичност. Има големи пренаселени градови, но во кои луѓето се осамени и празни. А има и скришни и пусти места во кои човек е исполнет. Јас верувам во такви духовни мотиви. Светоста привлекува. И покрај тешкотиите и искушенијата мене овде ми е мирно во душата, убаво ми е да бидам тука. Мојата црква сака да сум овде и јас сакам да сум овде, тоа за мене е сѐ, тоа за мене е доволно.
Се наоѓаме пред прагот на празникот Рождество Христово - Божиќ. Што ќе кажете за значењето на овој голем христијански празник?
- За православните христијани Рождеството Христово претставува особено голема радост, поради свеста за воплотениот Бог и извршеното искупително дело на Богочовекот. Во таа смисла, со Рождеството Христово почнува делото на спасението. Воодушевени сме од глетката во која Бог стана Човек, Дете. Истовремено раѓањето е празнување и за детето и за мајката. Богородица Марија безмажно раѓа и притоа останува Дева. Божиќ засекогаш ја подели историјата на светот на пред и по Христа. Денес особено нагласуваме дека Божиќ е еден семеен празник, праслика на љубовта во семејната заедница, образец на светоста во семејството што треба да се следи. Живееме во време на повредени и унижени семејни вредности, па духовната реалност на Витлеемската пештера денес многу недостига. Црквата во таа смисла празнично повикува храбро да се вратиме на евангелско устројување на семејството и домот.
За Бадник преовладува една празнувачка традиција кај народот, која се практикува со пагански елементи. Како се справува црквата со ваквата традиција?
- Единствен начин црквата да се справи со површната вулгаризација на празниците и чествувањата е на секој можен начин да ги образова своите чеда во Христовата вера, за која велиме дека е православна, дека правилно го слави Бога. Знаењето за црквата и религиозниот фолклор се две различни нешта, не може едното да го замени другото. Маскенбалите, народното творештво, локалните обичаи, денес се обновуваат стихијно и во крајна линија не претставуваат ниту религиозност ниту духовен идентитет, како што вообичаено ни е сервирано. Многу е тешко во таа културна слоевитост да се распознаат вистински христијански вредности. Но мене ми се чини дека токму во таа атмосфера на преоткривање на традициите се пројавува всушност и поривот како да се дојде до главното, до суштината, а тоа е животот во Христа, вистинскиот живот, вечноста. Тоа е еден од патиштата по кои е можно да се накалемиме на духовниот континуитет на кој му припаѓаме.
Како ја оценувате 2014 година за духовниот живот во МПЦ-ОА?
- МПЦ-ОА е жива црква, која постои и дејствува во мошне комплексен историски миг. Реалноста сведочи дека сѐ поголем број луѓе го бараат и наоѓаат патот до храмот, созрева свеста за подобро организирање на парохискиот живот, расте бројот на искрено посветени млади свештеници во сите епархии, ги вкусуваме плодовите од духовниот живот на возобновеното монаштво. Сѐ повеќе луѓе радосно го земаат својот крст и одговараат на Христовиот повик: врви по мене!
Сведоци сме на постојани напади на македонскиот јазик, името, идентитетот и на културата. Како вие ги оценувате оспорувањата на сѐ што е македонско, зашто токму МПЦ е дел од македонското опстојување?
- Во духовниот живот тогаш кога има напади се будиме и се утврдуваме како личности и затоа учиме да му благодариме на Бога кога има напади. Кога проблесна величината на словенската проповед и на христијанството кај словенските народи? Токму тогаш кога беше нападната од смутот на тријазичниците. На човек што го носи Христа во своето срце, никој не може да му ги одземе ниту името ниту јазикот, ништо. Божјата благодат прави „туѓото“ да го чувствуваме како „наше“, таа обединува, а не разединува. Христијаните мора да се дистанцираат од светското политикантство, од човекоцентричните идеологии и особено од склоноста некого да осудуваат и потчинуваат, да бидат свесни дека ако прават така, тоа духовно ќе ги умртви. Ако сум настроен против нечие постоење и слобода, значи дека вршам насилство, станувам непријател, станувам злосторник, и ако во тоа опстојувам ќе отпаднам од Бога. Одговорот на сите напади мора да биде чистата Христова љубов.
Монашки подвиг
Отец Никола бил замонашен во 1998 година и како собрат на монашкото братство во манастирот „Зрзе“ живеел десет години, кога со благослов на владиката Петар и викарниот епископ Климент се преселил во манастирот „Свети Никола“ во Мариово. Дипломирал општа и компаративна книжевност во Скопје, а студиски престојувал на Катедрата по византологија на Карлов универзитет во Прага. Магистрирал на Богословскиот факултет во Софија, на тема „Придонесот на руското духовништво за црковниот живот во Македонија во 20 век“. Докторанд е на истиот факултет на Катедрата по црковна историја.
Историјат за манастирот
Манастирот „Свети Никола“ е основан на крајот на 11 век, со ктиторска закрила на протостраторот Алексеј, близок роднина на византискиот цар Алексеј Комнен. Денешниот манастирски храм, со прекрасниот живопис, датираат од првата обнова во средината на 13 век, труд на проигуменот Акакиј, чиј лик е зачуван на една ктиторска композиција. Раскошниот живот на манастирот во средновековната епоха се потврди во сериозните археолошки истражувања извршени во самиот храм, но и во целиот манастирски комплекс, кои, меѓу другото, потврдија и еден силен континуитет на монашкиот живот во средниот век. Денес, со поддршка на надлежните институции и Министерството за култура, се прават големи напори преку повеќе конзерваторски проекти да се зачува автентичната убавина на манастирската црква и на антолошкиот живопис.
МПЦ веќе е дел од Христовата црква
И оваа година остана отворено прашањето за признавање на МПЦ од сестринските цркви. Дали сметате дека следната година ќе биде пресудна за продолжување на дијалогот со СПЦ?
- Мислам дека прашањето за признавањето од сестринските цркви не треба да биде во приоритетните секогаш кога ќе се спомне името на МПЦ-ОА. Лично не сакам да ја доживеам нашата црква како исцело и единствено посветена само на борбата за автокефалност. Тоа не е пројава на суштинската мисија на црквата, туку повеќе еден административноправен процес, кој бездруго еден ден ќе се случи. Во нашиот случај не се создава и признава нова помесна црква, туку се возобновува стара укината автокефалија, и тој пат на еден или друг начин го поминаа и Српската и Бугарската црква. Нашата црква според апостолското преемство, според вероисповеданието, според внатрешниот поредок е веќе дел од едната и соборна Христова црква. За сѐ друго ќе се молиме Господ да ги води и умудрува најповиканите во процесот на конечното признавање на МПЦ-ОА.
|
|