Празнина КОЈА сјае: Македонија Tuesday, 2024-12-24, 9:02 PM
Welcome Guest | RSS
Main | | Sign Up | Login
Main Menu
Main Menu
Statistics
Rate my site
Total of answers: 5
Statistics
Login form
Search
Calendar
«  January 2015  »
SuMoTuWeThFrSa
    123
45678910
11121314151617
18192021222324
25262728293031
Entries archive
Site friends
  • Create a free website
  • Online Desktop
  • Free Online Games
  • Video Tutorials
  • All HTML Tags
  • Browser Kits
  • Main » 2015 » January » 6 » Калуѓерките изработија 300 божиќни пештери
    3:14 AM
    Калуѓерките изработија 300 божиќни пештери

    Калуѓерките изработија 300 божиќни пештери

    Секоја пештера има икона од Рождеството Христово, а декорирани се со слама, мов, тревки, гранчиња и шишарки, кои ги собиравме од околината на Рајчица. Големата пештера е за храмот „Св. Кирил и Методиј“ во Прилеп, а пештера со поголеми димензии направивме и за Кратово. Наши изработки ќе има и во црквата „Света Петка“ во Скопје, но и во светите храмови во Охрид, Струга, Битола, Крушево, вели сестра Ефимија

    Монашкиот живот е возобновен во Рајчица во 2001 година, со голем труд и залагање на игуменот 
    на манастирот „Св. Јован Бигорски“, отец Партениј


    ВО МАНАСТИРОТ „СВЕТИ ГЕОРГИЈ ПОБЕДОНОСЕЦ“ ВО РАЈЧИЦА, ДЕБАРСКО 

    Извишен над Дебарско Езеро, манастирот посветен на свети Георгиј Победоносец, во малото село Рајчица, Дебарско, е вистински духовен светилник и чувар на православието. Уште на самиот влез, со отворањето на манастирските порти, пред нас блесна овој мал рај, за кој се грижат десетте монахињи, кои животот му го посветија на Бога. Нѐ заплиснаа нивната голема гостопримливост и желба на секој добронамерник да му ја доближат историјата на ова свето место и да му раскажат по што сѐ е познат овој манастирски комплекс. А тоа навистина не е малку - тука се изработуваат митрите за црковните поглавари, познати во целиот православен свет, а во рака изработена од злато и од сребро се чува и дел од чудотворните, исцелителни мошти на свети Георгиј Победоносец, патронот на црквата, од кои се шири чудесна миризба, во што и самите се уверивме. Скапоценост на манастирот се и моштите на свети Јован Кукузел, кој прв создавал византиски напеви за црковни песни и ги измислил неумите, создадени многу пред западните ноти. Тука се чува и честица од крстот на кој беше распнат Исус на Голгота.


    ДЕКОРАЦИЈА 
    ОД ОКОЛИНАТА НА РАЈЧИЦА 


    Манастирот е познат уште по многу нешта, но сепак она што беше најактуелно во изминатиот период за Рајчица, името под кое манастирот е познат меѓу народот, е изработката на пештерите што го симболизираат Раѓањето Христово и кои на Божиќ ќе се најдат во црквите во голем број градови во земјата. Само оваа година тука се изработени околу 300 божиќни пештери со различни големини.
    Во нивното создавање беа вклучени сите монахињи, кои велат дека изработката на пештери им е послушание според благословот на нивниот старец, отец Партениј, кој имал силна желба да ја обнови оваа традиција меѓу луѓето. 
    - Ние правиме малку, а Бог ќе излее многу - велат тие.

    Со нас разговараше сестра Ефимија, која со сјај во очите ни раскажа дека од година на година православните верници во Македонија сѐ посвечено го слават Божиќ, а пештерите сѐ повеќе придонесуваат за внесување на вистинскиот божиќен амбиент при чествувањето на овој голем ден во храмовите низ земјава, но во последно време се користат и како празничен украс во православните домови.
    - Елката е христијански симбол и ја означува вечната младост на Исус Христос; пештерата, пак, го претставува неговото рождество, ја симболизира онаа Витлеемска пештера во која се роди божественото дете - спасителот Христос. Лани тука направивме четириесетина, а годинава многу повеќе, околу 300 пештери со различни големини. Секоја има икона од Рождеството Христово и тоа е најважното нешто што таа треба да го содржи, бидејќи без иконата таа го губи своето значење. Пештерите се декорирани со слама, мов, тревки, гранчиња и шишарки што ги собиравме од околината на Рајчица. Големата пештера што ја гледате тука е за храмот „Св. Кирил и Методиј“ во Прилеп, а пештера со најголеми димензии досега изработивме за Охрид, за тамошната предбожиќна манифестација на плоштадот. Слична таква изработивме и за Кратово. Наша изработка ќе има и во црквата „Св. Петка“ во Скопје, но и за храмови во Охрид, Струга, Битола, Крушево... Всушност, прекрасната вест за Рождеството Христово први ја пренесуваат децата, пеејќи ја божиќната каланда „Вечниот Бог“. Тие во сите поголеми градови од нашата земја одат во поворка, која секоја година е сѐ помасовна - ни рече сестра Ефимија.

    БОЖИЌНИ ПАКЕТЧИЊА 
    ЗА НАЈМЛАДИТЕ 


    Во манастирот, токму кога го посетивме, во тек беше подготовката на божиќните пакетчиња што манастирот им ги подарува на децата што одат на бдението за Божиќ во манастирот „Свети Јован Бигорски“. Во нив има играчки, бонбони и чоколади, но и книшки со библиски приказни за најмладите. 
    - Можеби најважното нешто во врска со дејноста на нашиот манастир е подвигот на љубовта, на гостопримството и евангелизацијата. Нашиот старец, отец Партениј, силно го прегрна тој подвиг и ги отвори вратите од нашите манастири за секој човек што доаѓа тука. Денешниот современ начин на живот, од кој особено страда младиот човек, носи духовна сиромаштија и луѓето ја чувствуваат празнината на животот без Бога. Доаѓаат тука од разни причини, некогаш само попатно, но секогаш се враќаат зашто ја почувствувале искрената љубов со која биле пречекани - вели сестра Ефимија. 

    За Бадник и за Божиќ сестрите од овој манастир им се приклучуваат на своите браќа, монасите од „Бигорски“, каде што се извршува празничната богослужба. Од година на година сѐ повеќе верници присуствуваат на Божиќното бдение, кое е единствено по својата убавина.




    Исцелителните мошти на свети Георгиј


    Монахињите од Рајчица се уверени дека моштите на свети Георгиј Победоносец, кои во 2003 година на чудесен начин дошле во манастирот, се голема награда за сите усилби на игуменот, отец Партениј, да заживее ова свето место.
    - Тие се сведоштво за преголемата божја милост кон нас. Моштите на св. Георгиј, кои се едни од нашите најдрагоцени реликвии, чудотворни се и од нив се шири прекрасна миризба, благоухание. Тоа е своевидна потврда дека светителот е со нас и се стекнал со право да биде наш помошник и застапник пред Бога и неговото живо, благодатно присуство ние постојано го чувствуваме. Сето ова има прекрасно и многу длабоко значење. Бидејќи кога со вера стоиме пред светите икони и мошти, ние не ѝ се поклонуваме на самата материја, туку му се обраќаме на живиот светител што е насликан на таа икона, односно чии мошти ги целиваме. А секојдневно сме сведоци на многу исцеленија што свети Георгиј ги извршува, меѓу другото им помага и на сопружници што немаат деца. Реки народ доаѓаат во манастирот за да му се заблагодарат на св. Георгиј, бидејќи ја почувствувале неговата помош - ни рече сестра Ефимија.


     


    Отец Партениј го врати монаштвото во Рајчица 

    Монашкиот живот е возобновен во Рајчица во 2001 година, со голем труд и залагање на архимандритот на манастирот „Св. Јован Бигорски“, отец Партениј.
    Потоа го обновил светилиштето на свети Георгиј, кого многу го почитувал. До темел ги урнал старите, веќе распаднати конаци и на истото место изградил нови. Самата црква е изградена во 1835 година, во времето кога игумен на Бигорскиот манастир бил Арсениј, кој бил двигател на ширењето на Православието во Мијачијата, во Долна и Горна Река, но и многу пошироко. 

    - Црквата е изградена врз темели на црква од 16 век, посветена на свети Георгиј. Обновата се случила за време на игуменот Арсениј, познат по својата ктиторска дејност, за кого ние направивме симпозиум пред неколку месеци во Бигорскиот манастир, посветен на 175-годишнина од неговата смрт. Тој издејствувал ферман од Цариград со кој ја изградил денешната црква. По кратко време биле повикани Даниил (кој пред замонашувањето во Бигорскиот манастир се викал Димитриј) и татко му Михаил од Самарина - маркантни зографи чии фрески се изработени во византиски стил. Нивното дело го продолжиле Дичо Зограф и неговата тајфа, кои живописувале во реалистично-византиски стил - ни објасни сестра Ефимија. 
    Во времето кога била изградена денешната црква бил направен и првиот конак за потребите на монасите од Бигорскиот манастир, кои доаѓале тука за да работат на манастирските имоти што се наоѓале во околината на манастирот, па дури и на местото на денешното Дебарско Езеро.

    - Потребите на Бигорскиот манастир во 19 век навистина биле големи, бидејќи таму, освен монаштвото, биле присутни и учениците од ќелијното училиште. Некаде по Втората светска војна „Бигорски“ бил претворен во музеј на културата, а Рајчица, која е негов метох, била оставена на забот на времето. Луѓето речиси не се грижеле за црквата, без почит кон светото место, конаците ги претвориле во плевни. 
    Во 1999 година отец Партениј, кој во 1995 година доаѓа во Бигорскиот манастир, го обновил манастирот „Рајчица“.

    - На Крстовден во 1999 година се осветени темелите за новиот манастирски конак, кој за нешто повеќе од една година како феникс се крена врз темелите на стариот манастирски конак. На 4 јуни 2001 година манастирот е осветен и оттогаш е активен женски манастир, под духовно раководство на архимандрит Партениј и Братството на Бигорскиот манастир.


     
       
    Автор: Марија Таушанска / marija.a@novamakedonija.com.mk   Фотографија: Ненад Андонов
     


     

    Извор: “Нова Македонија“

    Views: 339 | Added by: Вељанко | Rating: 0.0/0
    Total comments: 0
    Only registered users can add comments.
    [ Sign Up | Login ]
    Copyright Празнина која сјае © 2024