Празнина КОЈА сјае: Македонија Tuesday, 2024-12-24, 9:16 PM
Welcome Guest | RSS
Main | | Sign Up | Login
Main Menu
Main Menu
Statistics
Rate my site
Total of answers: 5
Statistics
Login form
Search
Calendar
«  January 2015  »
SuMoTuWeThFrSa
    123
45678910
11121314151617
18192021222324
25262728293031
Entries archive
Site friends
  • Create a free website
  • Online Desktop
  • Free Online Games
  • Video Tutorials
  • All HTML Tags
  • Browser Kits
  • Main » 2015 » January » 9 » ОД ТЕТОСКИ КОЛТУК У ГОСТИЈАР
    4:28 AM
    ОД ТЕТОСКИ КОЛТУК У ГОСТИЈАР

    ОД ТЕТОСКИ КОЛТУК У ГОСТИЈАР

     

    Тетовски дијалект и убави „песње“ можеа да се слушнат по тесните гостиварски сокачиња само до пред неколку децении. Малата населба почнала да станува соперник во растежот на веќе големата касаба Тетово

    Киро Кипроски



    Гостивар - Од авлиите на старите трошни куќарки како и низ тесните сокачиња на гостијарско Македонско маало до пред неколку децении можеле да се слушнат тетовскиот дијалект и убавите „песње“ за Трпана, Благуња и за другите „прочуене тетовчанќе“. Но со честите преселби и со смена на генерациите, маалото се изретчило. Сепак, тоа до ден-денес остана големата гордост на Гостивар покрај Џамиџиди, Саат маало, Пурде, Ново маало...

    На што се должела оваа традиција и кој се' ја протежирал прочуената тетовска култура во соседната мала населба, на само неколку километри од изворот на легендарниот Вардар и соперник во растеж на веќе големата касаба Тетово, која веќе ги имала сите белези на град? Одговорот можеби треба да се побара во срцевината на прославената поговорка на ѓузеллик (убавиците) и хизли кадинлар (итрите жени - тур.) тетовчанќе. 

    Милош Смиљановски, пензиониран професор по македонски јазик и хроничар на Гостивар, се надоврзува на неа и на сите оние што не ја слушнале приказната и во секоја пригода ја пренесува како аманет на помладите генерации „гостијарци“ наследен од постарите роднини, познајници и блиски пријатели и цитира: „Жене тетовчанќе, мужи гостијарски“!. 

    Оваа „идеална“ комбинација се задржала до денешни дни, но сега, нормално, постојат и повратни примери. Луѓето и времињата се подложни на промени, зарем не?

    И ден-денеска кога ќе ги прашаат тетовки како им е животот, тие се едногласни: „Животот ни е убав, имаме се', ни недостасуваат мужите гостијарски!“. Ова е приказната на гостиварци. Ова колку да не останеме покуси едни кон други, шеговито ќе забележи Смиљановски и продолжува да ни ја раскажува историјата на овој вид преселби.

    „При крајот на 19 и на почетокот на 20 век, во малата населба на левиот брег на Вардар, Гостивар, почнале да пристигнуваат првите ’ластовички’ од Тетово, градот на Пена, населба со градски традиции и белези. Малку на мајтап, малку на вистина, многу шегобијци на кои им било по малку криво што некој се оженил за прекрасна ’зевкле баѕан дузенленир‘ (вкусно дотерана дама), попусто се обидувал да им го урне високото реноме што го уживале и го демонстрирале со секоја нивна одмерена постапка. Демек, мома за која не можело да се најде прилика и дом во Тетово, била за ’рамења испраќана у Гостијар‘ за таму да си свие семејно гнездо и да си го најде к’сметот. Но не било така. Невестите кои дошле од Тетово сосема го оправдале своето домаќинско потекло, својата висока свест, морал, знаење и умеење“, вели Смиљановски.

    Впрочем, тогашното Варош маало, а подоцна и Македонско маало, било местото врз кое се насадиле нови вредности и навики кои ја зацврснале и ја оплемениле новата градска средина. Гостиварките многу научиле за вредностите на градското живеење , им биле пренесени традициите и обичаите за празнување на верските празници, за градската мода, рецепти за варива и за подготвување слатки. Всушност, тие извршиле еманципација на гостиварките.

    Прва го скршила мразот, како што се сеќаваат старите гостиварци, познатата „теза“ (тетка) Јоаница. Се разбира, кога стасала во своето ново место на живеење, не била теза, туку невеста тетовка. Таа била мајка на Страко лимарот, а во куќата на Јован дошла облечена во традиционалните призренски „чинтијане-димије“. Таа била малку повозрасна од Трпана и од Благуња, двете тетовски убавици за кои се испеани прекрасните народни песни, кои до денешни дни останаа легенди на уметничката и на историската сага на градот под Шара, но и за цела Македонија и пошироко.

    За „другачќете“ и „комшиќете“ на Трпана и на Благуња од тетовски Колтук, кои своето гнездо го свиле во гостиварското Македонско маало, нешто повеќе слушнавме од Љубомир Јовановски-Кара, писател, внук на Гашојца, која меѓу првите девојки од Тетово се омажила за гостиварец. 

    „Јоаница ни беше подалечна роднина, но доста блиска. За неа сум слушал дека била голема домаќинка и за тоа време многу образована. Според кажувањата на баба ми Гашојца, неколку години по Јоаница, во Гостивар стасала Сава, баба на Гашојца, која била девојка од многу богато семејство. Таа имала четворица браќа и сите тие се занимавале со пушкарски занает. Ова угледно семејство на Петревци од тетоски Колтук имало големи површини со лозје. По кажувањето на баба ми, косата ја миела со ракија, а за време на ручек, наместо вода, семејството пиело само вино. Баба Гашојца имала маќеа по име Евра, многу лоша жена. Но таа упорно тврдела дека сите добри навики и табиети ги стекнала благодарение на својата прочуена чистотија и строгост. За Благуња и за Трпана кажувала дека и' биле комшивки во Тетово, но тие биле малку повозрасни од неа“, раскажува Јовановски. 

    Нешто подоцна во Гостивар пристигнале и Миља, мајка на гостиварскиот хроничар и писател Милош Смиљановски, внук на теза Јоаница, потоа Антојца, сопруга на сарафот Анто, Столејца, прославениот кондураџија Столе Михајловски, мекамлиски тивката сопруга на самарџијата дедо Иљо, потоа браќата Славко и Војо Сотировски, трговци доселени од Маврово кои се ожениле за Перса и за Јелица, Драган Тримчески, кој во Гостивар се доселил од Галичник и се оженил за Љуба, како и многу други. Гостивар станал Тетово, а Тетово станало Гостивар.

    А времето безмилосно тече исто како и бистрите води на изворски Вардар. Можеби овие сведоштва реката тивко ги разнесува таму до каде што допира по своето течение се' до Солун. Можеби. Но нивната срцевина засекогаш останува тивко да шумоли низ гостијарските сокаци како вечен потсетник на некогашното Македонско маало.

    Извор: “Утрински Весник“

     

    Views: 257 | Added by: Вељанко | Rating: 0.0/0
    Total comments: 0
    Only registered users can add comments.
    [ Sign Up | Login ]
    Copyright Празнина која сјае © 2024