Книгата „Само сонот е стварност“ од Илинденка Петрушева открива мноштво сознанија и историографски податоци од македонската кинематографија
Во издание на „Македоника литера" од Скопје неодамна од печат излезе филмолошката книга на Илинденка Петрушева „Само сонот е стварност" со поднаслов „Од бележникот на еден филмолог". Книгата е структурирана во шест целини со филмолошки студии, есеи и филмски рецензии.
Илинденка Петрушева пишува за историските, естетските и феноменолошките аспекти на филмот, при што како проучувач на филмот се занимава и со неговата историја. Освен како педантен и префинет филмски критичар, таа на есеизиран и вдахновен начин во книгата обработува одредени историски процеси и естетски тенденции на филмската уметност во светот, збогатувајќи ја книгата со мноштво сознанија и историографски податоци.
Нејзиното ново дело може да се смета за книга во која може да се дознае или да се научи, на пример, нешто повеќе за јапонскиот, рускиот, чешкиот, шпанскиот филм..., нешто повеќе за авторите Фасбиндер, Саура, Тарковски, за Сабо..., нешто повеќе за филмовите што кај нас, во одреден период, биле на кинорепертоарот и го привлекувале вниманието на љубителите на филмот. Но пред сè, да се дознае и да се научи нешто повеќе за македонската кинематографија – што се случило во далечната 1897 година, што снимиле Французите во филмските студија во Венсан, близу Париз, во далечната 1903 година, што правел снимателот Нобл во Македонија во 1903 и 1904 година, што снимале домашните и странските филмаџии во Македонија од 1903 до 1954 година, каква била фасцинацијата кај нас од киноприкажувањето, како започнала организираната македонска кинематографија по Втората светска војна... Со еден збор, ова е ретка и исклучителна филмолошка книга во која е понудена богата тематска палета за седмата уметност.
Илинденка Петрушева е филмски критичар, филмолог, истражувач на филмската историја. Родена е во 1944 година, школувана во Скопје и во Загреб.
За време на студиите повремено објавува осврти за филмови од кинорепертоарот на брановите на Радио Загреб, а во почетокот на 70-тите години започнува редовно да се занимава со филмска критика, објавувајќи филмски рецензии, осврти, коментари и есеи во „Филм-фокус“, „Вечер“, „Културен живот“, „Денес“, „Македонија денес“, „Премин“ и во други домашни и странски списанија.
Во повеќе мандати е претседател на Киносојузот на Македонија, во периодот 1977-1979 година е генерален секретар на Сојузот на филмските критичари на Југославија, од 1999 до 2001 е советник на министерот за култура на РМ, денес е член на Советот за култура при ресорното министерство. Во 70-тите и 80-тите години била член на ФИПРЕСЦИ.
Во 1974 година е еден од основачите на Кинотеката на Македонија, а во 1979 година е еден од иницијаторите за формирање на Кинотеката на Хрватска. Активен учесник е во востановувањето на фестивалот на филмската камера во Битола.
Во Кинотеката на Македонија работела од формирањето, во 1976 година, до заминувањето во пензија. Во оваа национална институција работела на капитални истражувачки проекти од историјата на македонската кинематографија. Главен и одговорен уредник е на списанието „Кинопис“.
Учесник е на бројни домашни и странски научни симпозиуми. Соработувала во изготвувањето на Филмската енциклопедија на Лексикографскиот завод „Мирослав Крлежа“ во Загреб, на Македонската енциклопедија на МАНУ и на повеќе енциклопедиски изданија на издавачот „Детска радост“. Редактор е на изданието „Фотографијата и филмот на почвата на Македонија“ (16-та книга од макропроектот „Историја на културата на Македонија“, МАНУ, 2007), приредувач е на монографијата за Трајче Попов (Кинотека на Македонија, 2012), редактор е на Хронологијата на македонската кинематографија 1895-2014 (Кинопис 45/46, Кинотека на Македонија, 2014).
Автор е на книгите: „Филмолошка библиографија 1944-1954“ (Кинотека на Македонија, 1991), „Филмографија на македонскиот аматерски филм 1935-2000“ (Киносојуз на Македонија, 2001), „Сонце на дирек – мали приказни за македонските филмски сонувачи“ (Македонска реч, 2005) и „Време на игри и соништа – студија за аматерскиот филм во Македонија од 1935 до 2011“ (Кинотека на Македонија, 2011).
Извор: “МКД“
|