СЕДУМДЕСЕТ ГОДИНИ ГО ПРИКАЖУВАМЕ ШАРМОТ НА МАКЕДОНИЈА
Фолклорот е синтеза на културата на еден народ низ вековите, а неговата презентација е момент на соочување со самите себе и со целиот свет
Јасминка Павловска
Годинава Ансамблот„Орце Николов“ прославува 70 години од своето постоење. Јубилеите се повод за гордост и навраќање во минатото, па како започна приказната на Ансамблот„Орце Николов“?
- Ансамблот „.Орце Николов“ е најстара културна институција во фолклорот и е меѓу најстарите културни институции во Македонија.
Со ослободувањето на Македонија во 1945 година, Синдикатот на металските работници на „Аеродромот Скопје“ го формира овој ансамбл, под името „Металец“, за по шест месеци да се преименува во името на народниот херој Јордан Николов-Орце.
Како најстара институција во фолклорот, Ансамблот ги привлече најталентираните музичари и играорци и ако ја погледнеме историјата на Ансамблот, ќе видиме дека тоа се случува во континуитет, што му дава посебно место во македонскиот фолклор и македонската културна историја.
Во изминатите години, Ансамблот„Орце Николов“ постигна врвни резултати на полето на фолклорното творештво, за што говорат повеќе од 400 домашни и меѓународни награди и признанија, а гостувајќи на голем број фестивали во светот , се здоби со високо реноме и светска афирмација.
Во Ансамблот „Орце Николов“ минале повеќе од 10.000 членови, кои приредиле околу 6.500 концерти во земјата и ширум светот.
Концертите ги следеле повеќе од 10 милиони гледачи, а уште десетици милиони гледачи ги следеле настапите на телевизиските канали во земјата, но и во: САД, Канада, Бразил, Куба, ДНР Кореја, Русија, Англија, Белгија, Франција, Холандија, Швајцарија, Шпанија, Германија, Италија, Чешка, Словачка , Полска, Португалија, Романија, Кипар, Турција, ТР Северен Кипар, Словенија, Хрватска, Србија, Црна Гора, Бугарија, Босна и Херцеговина... Учествата се потврдени со бројни награди и дипломи на најголемите фолклорни фестивали во светот, како што се: Дижон - Франција, Ланголен - Англија, Москва - Русија, Нанси, Конфоленс, Ремс - Франција, Букурешт - Романија, Бриндизи - Италија, Драмондвил Квебек - Канада, Бурса – Турција, Марибор - Словенија, Софија - Бугарија…
Со ова Ансамблот во континуитет е еден од најголемите репрезенти на македонската традиција и фолклор во земјата и светот.
На кој начин планирате да го одбележите јубилејот?
Во текот на 2015 година, планирано е да се реализираат голем број активности, кои ќе не' потсетат на високото реноме кое во изминатите 70-години повеќе генерации го градеа „Орце“. Планирани се концерти (со гостување на врвни фолклорни ансамбли од градот, земјата и странство со кој Ансамблот има повеќегодишна успешна соработка)- под мотото „70 години оро со ОРЦЕ“, издавање пригоден материјал за Ансамблот (проспект, разгледници, монографија, ДВД и ЦД изданија…), поставување нови постановки (особено во детските ансамбли), ретроспективни фото-изложби, ревија на народни носии, реализирање на семинари, предавања и работилници на признати фолклорни работници од земјата и странство, програмски активности во соработка со медиумите…
Со што најмногу се гордее Ансамблот„Орце Николов“ од својата историја?
Се гордееме што низ игра, песна и музика, „задоени се со вековното културно богатство“ илјадници вљубеници во македонскиот фолклор - членови на Ансамблот „Орце Николов“, кои станаа „чувари и пренесувачи“ на сето она што нашиот народ со векови го ткаел, како дел од своето битисување и сите оние кои во изминатите години твореа, живееја во неговото вишнеење, како и младите генерации денес, кои се дел од него. Само дел од уметниците кои оставија, а некои и се' уште придонесуваат за трајниот белег во македонската култура, а беа дел од семејството на „Орце” се: Благој Петров-Караѓуле, Кирил Манчевски, Блага Видец, Вања Лазарова, Анка Гиева, Стево Теодосиевски, Есма Реџепова, „Костурчанките”, Желчевски-Селимова, Виолета Томовска, Никола Мартиновски, Драган Ѓаконовски-Шпато, Димитар Масевски, Александар Џамбазов, Ѓорѓи Димчевски, Тофе Дракулевски, Али Абдула, Гани Груби, Тодор Трајчевски, Љупчо Пандиловски, Славка Младеновска, Вики Среброва, Лазар Трпковски, Миле Тодоровски, Цане Петров, Анета Наковска, Новица и Љупчо Соколовски, Владимир Крстев, Љубиша Кировски, Мојца Седеу...
Целиот овој период Ансамблот „Орце Николов“ бил извор на таленти кои го пополнувале составот на нашиот единствен професионален Ансамбл „Танец”, како на играчки, така и на музички план, пренесувајќи ги на тој начин дел од традициите и искуствата стекнати во „Орце Николов“.
Постои ли интерес кај младите во денешно време за членување во културно-уметнички друштва, кои го негуваат фолклорот?
- Секако дека постои, бидејќи македонскиот фолклор не е само културно наследство , тој се' уште „живее” и е неодвоив дел од битието на секој современ Македонец. Тој е негов идентитет, а Ансамблот „Орце Николов“ преку своето дејствување сака да биде негова легитимација кон светот.
Вие сте и менаџер на Друштвото? Каков предизвик претставува да се поставува кореографија на нешто што е живо, традиционално музичко наследство?
- Фолклорот е синтеза на културата на еден народ низ вековите, а неговата презентација е момент на соочување со самите себе и со целиот свет.
Македонија со право е горда на својот фолклор, зашто тој е „извор и устие на македонската душа” . Во него се вградени милениумите на нашето постоење, проткаени со нитките на љубовта, радоста, надежта ...
Следејќи ги светските тенденции и искуства на фолклорот, Ансамблот „Орце Николов“ ги применува новите едукативни методи во изучувањето, обучувањето и зачувувањето на изворноста и автентичноста на фолклорното творештво, применувајќи современ сценски приказ во презентацијата.
Силата на една култура е во моќта да успее своите идеи да ги преточи во дела, а при допирот со другите култури да го претвори во момент на создавање на нови вредности.
Нашата мисија, како и на другите фолклорни ансамбли во Македонија, е да ги зачуваат свежината и изворноста, зашто фолклорот не само што треба да се сака туку треба и да се разбере.
Поставувањето нова кореографија е специфична и одговорна работа бидејќи играта , музиката, костимите и обичаите кои изворно се одвиваат главно на отворен простор и се поврзани со одредени настани (обичаи, свадби, веселби, верски празници…), треба сценски да се подготват и адаптираат, но таа сценска адаптација не смее да ја наруши суштината на материјата која се обработува, а истовремено треба да биде автентична, атрактивна и разбирлива за публиката во земјата и во странство.
Модерен ли е фолклорот во денешно време?
- Современите текови даваат можност традиционалниот фолклор да се надградува, како со влијанија на модерната музика, игра, песна…, што внесува и несоодветни примеси, кои не се својствени за нашето фолклорно подрачје. Но фолклорот денес живее на поинаков начин. Како и се' во современово општество, и фолклорот се движи и се менува, соодветно на времето во кое живееме.
Ние секако не можеме да го прифатиме сето она што случува на концертите и на социјалните мрежи, каде што фолклорот се изобличува, банализира… и ги губи својата вредност и моќ. Но од друга страна, одговорот се „крие“ во потребата од стручно и современо запознавање и презентирање на фолклорот, особено на младите генерации, за тој да стане дел од современиот урбан живот. Како пример, можеме да ги земеме Италијанците, каде што италијанската народна песна ја промовираа најголемите оперски пејачи на Италија, а со тоа се афирмираше италијанската фолклорна традиција, секаде во светот.
Како ја замислувате иднината на Ансамблот „Орце Николов“ по јубилејот?
- Со добивањето на новите простории во сутеренот на Македонската опера и балет во центарот на Скопје, опкружен со врвните институции на македонската култура, ансамблот изготви соодветна програма за работа.
Фолклорот изворно е поврзан, во најголем дел, со руралната традиција, која полека се губи. За да стане дел од културата на современиот млад човек, треба да се приспособи и пристапот кон оваа културна и едукативна дејност, вреднувањето и третманот на културната традиција, како дел од современиот стил на живеење.
Покрај традиционалните обуки, планираме да се организираат редовни работилници од повеќе области на фолклорното творештво, стручни предавања, портрети на врвни фолклорни уметници, како и изложби и концерти наменети како за љубителите на фолклорот, така и за туристите кои ја посетуваат Македонија.
Затоа овој простор го носи името „Центар за применет фолклор”, бидејќи сакаме да биде центар на македонскиот фолклор во кој ќе се разменуваат искуствата во фолклорот и со другите ансамбли од градот, земјата и од светот.
Како што напишаа еден руски и еден француски новинар: „ ’Орце Николов’ е душата на Македонија , ’Орце Николов’ е шармот на Македонија…
Ова е најубавото и најкраткото што е кажано за ’Орце’ “.
Извор: “Утрински Весник“
|