Борко Лазески
МАНУ ЈА ДИГИТАЛИЗИРА ЛИКОВНАТА ЗБИРКА
Македонската академија на науките и уметностите неодамна ја дигитализираше својата богата ликовна збирка со над 400 врвни уметнички дела, меѓу кои и дела на Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Вангел Коџоман, Димитар Кондовски, Димо Тодоровски, Љубомир Белогаски, Јордан Грабулоски, Борко Лазески и др. Целиот дигитализиран материјал може да се види на онлајн-галеријата на МАНУ на интернет-страницата manu.edu.mk/ArtGallery/. Збирката може да се пребарува по автори или по техника.
Автори што изложувале и подарувале
Вредната ликовна збирка е дел од архивот на МАНУ, кој располага со богат библиотечен фонд, како и со нови ракописи, стари и ретки книги, микрофилмови, магнетофонски ленти, музикалии, архивалии, збирка фотографии, како и богата збирка уметнички слики и предмети.
Како што велат од оваа институција, станува збор за слики, цртежи, графики и скулптури, донирани или откупени од врвни автори во периодот од основањето на академијата до денес.
- Вообичаено е по секоја изложба во Изложбениот салон на МАНУ авторот да остави едно дело како подарок за академијата. Во збирката главно се застапени македонски автори, но има и уметници од регионот и пошироко - вели Љубомир Ѓоревски, раководител на архивот на МАНУ.
Дигитализацијата на целата збирка е направена со цел таа да биде достапна за пошироката јавност, но и за архивирање визуелна информација за секое дело.
Процесот траел
неколку месеци
- Делата што влегуваат во оваа датабаза се наоѓаат во зградата на академијата.
Сликите и скулптурите се наоѓаат во кабинетите и канцелариите, салите за конференции, читалниците, ходниците и преостанатите простории, како и во т.н. Скулпторска градина, додека неизложените дела се чуваат во специјализирана просторија во рамките на депото на архивот на МАНУ - вели Ѓорѓевски.
Комплетниот процес на нивно документирање, фотографирање и категоризација траел повеќе месеци и се изведувал во неколку фази.
- Првата фаза беше попис и категоризација на делата според автори и техники, а потоа следуваше фаза на фотографирање, која траеше три месеци. Последната фаза беше создавање веб-страница, односно пребарлива онлајн-галерија - вели фотографот Иван Блажев, ангажиран за фотографирање на делата.
Како што велат од МАНУ, изработката на комплетниот проект била особено голем предизвик поради разновидноста на делата изработени во различни техники и димензии.
Доајени во збирката
Во збирката на МАНУ се наоѓаат дела на Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Вангел Коџоман, Димитар Кондовски, Димо Тодоровски, Љубомир Белогаски, Јордан Грабулоски, Борко Лазески, Василие Поповиќ-Цицо, Борка Аврамова, Родољуб Анастасов, Ѓорѓи Ачески, Петар Хаџи Бошков, Владимир Георгиевски, Трајче Јанчевски, Томо Шијак, Томе Серафимовски, Боро Митриќески, Васко Ташковски, Глигор Чемерски, Газанфер Бајрам и др.
Димче Коцо
Лазар Личеноски
Димо Тодоровски
Ордан Петлески
Вангел Коџоман
|
|